Almir Terzic,Lejla Bıogradlıja
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
САРАЕВО (АА) - АЛМИР ТЕРЗИЌ - Бакир Изетбеговиќ, претседател на Странката на демократска акција (СДА) и претседател на Домот на народите при Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ), истакна дека никој нема да може да добие мандат за формирање на новата Влада сè додека не се реши прашањето за Годишниот национален план (АНП), кој се смета како значаен чекор во процесот за членство во НАТО.
Изетбеговиќ во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за работите за формирање на Владата, кои траат веќе 10 месеци, како и за актуелните теми во земјата.
Укажувајќи на коалицискиот договор потпишан на 5 август меѓу неговата партија, СДА, Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Изетбеговиќ нагласи дека преку овој договор се определуваат Принципите за формирање нова Влада на државно ниво.
„Никому не може да му се врачи мандат за формирање нова Влада без да се реши прашањето за Годишниот национален план“, рече Изетбеговиќ во врска со одобрувањето и доставувањето до НАТО на АНП, кој е еден од најзначајните чекори во насока на членството во НАТО, додека Србите во земјата се против тоа.
Изетбеговиќ истакна дека иако српскиот претставник на Претседателскиот совет, Милорад Додик, го потпишал коалицискиот договор во име на неговата партија СНСД, се забележува дека тој е против АНП.
Според него, би можело да дојде до одложување на седницата на Советот, на која ќе се разгледува АНП, со цел да му се даде шанса на Додик.
Изетбеговиќ информираше дека е можно процесот на одобрување да трае неколку недели.
„Со сигурност нема да се откажеме од работите што се поважни од самиот процес за членство во НАТО, а тоа е почитување на Уставот и владеење на правото. Не може ентитет во земјата да ѝ наредува на државата. Не може Додик да наметнува своја волја“, додаде тој.
- Критики до српскиот лидер
Изетбеговиќ нагласи дека Додик, кој е лидер на Србите од Босна, постојано предизвикува криза со неговите провокативни изјави, и изрази загриженост од политиките што ги води Додик.
Покрај негативната атмосфера во земјата, како што рече тој, постигнат е успешен напредок особено во туризмот, производството и извозот. Според него, се вршат и нови работи во насока на инфраструктурата.
- Автопатот Сараево - Белград
Осврнувајќи се на автопатот меѓу Сараево и Белград, проект кој е поддржан од страна на Турција, Изетбеговиќ истакна дека пред извесно време контактирал со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и дека се планира да започне изградбата на автопатот веднаш по формирањето на Владата во земјата.
Изетбеговиќ рече дека изградбата на автопатот овозможува нови вработувања за илјадници лица.
„Затоа, изградбата на овој автопат е една причина за надминување на политичката криза, бидејќи овој голем проект е многу важен за сите“, рече во разговорот за АА Бакир Изетбеговиќ.