Балкан

Катица Јанева е приведена, Обвинителството бара притвор

„Јавниот обвинител кој ја води постапката донесе наредба за проширување на истрагата и против јавниот обвинител кој е приведен и Обвинителството до надлежниот суд ќе предложи определување мерка притвор“, рече обвинителот Јовески

Admir Fazlagic  | 21.08.2019 - Обновена : 22.08.2019
Катица Јанева е приведена, Обвинителството бара притвор (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - „Истрагата за случајот „Рекет“ се проширува“, соопшти јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој истакна дека Јавното обвинителство ќе бара од судот да изрече мерка притвор за специјалната обвинителка од Јавното обвинителство за гонење кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), Катица Јанева, јавува Anadolu Agency (AA).

Основното јавно обвинителство (ОЈО) за гонење организиран криминал и корупција од 15 јули оваа година води истражна постапка (случај „Рекет“) против две лица, Бојан Јовановски и Зоран Милевски, за кривичните дела „примање поткуп за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Обвинителството истражува дали двајцата осомничени имаат поврзаност со специјалната обвинителка Катица Јанева. Според Обвинителството, двајцата осомничени барале финансиски средства од бизнисменот Јордан Камчев, кој е обвинет во случајот „Империја“. Овој случај спаѓа во надлежност на СЈО. На денот кога започна истрагата за случајот, обвинителката Катица Јанева поднесе оставка од својата функција.

За досегашниот тек на истражната постапка за случајот „Рекет“, на денешната прес-конференција информираше јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Јовески рече дека од досега обезбедените вербални и материјални докази во истрагата, Јавното обвинителство утврдило дека основите на сомневање се издигнале на степен на основано сомневање дека јавниот обвинител (Катица Јанева) сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување.“

„Јавниот обвинител кој ја води постапката донесе наредба за проширување на истрагата и против јавниот обвинител кој е приведен и Обвинителството до надлежниот суд ќе предложи определување на мерка притвор. Од обезбедените докази се утврди дека јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластување, кои ги има по Законот за Специјалното јавно обвинителство и одредбите од Законот за кривичната постапка, и за себе и за други лица прибавил имотна корист во значителен износ“, рече Јовески.

Како што информираше јавниот обвинител Јовевски, од месец ноември 2018 година до април 2019 година еден од осомничените во оваа истрага (случајот „Рекет“) со искористување на своето претпоставено влијание врз јавниот обвинител, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

„Со повеќе преземени дејствија двајцата осомничени за да го убедат осомничениот од предметот „Империја“ во влијанието кое едно од лицата го има врз јавниот обвинител, во повеќе средби телефонски преку спикерфон разговарал со јавниот обвинител и по разговорите и средбите откако осомничениот во случајот „Империја“ и неговата сопруга биле убедени во влијанието, и двете лица против кои се води истрагата од овој осомничен барале 8 милиони евра за олеснување на неговата положба, и на 20 февруари 2019 година двајцата осомничени дошле во домот на осомничениот во предметот „Империја“, зеле торба со марка „луи витон“ со еден милион евра, а додека тој бил во притвор од неговата сопруга зеле 500 000 евра“, рече Јовески и додаде:

„Јавниот обвинител го прифатил влијанието од осомничениот и дал предлог притворот против осомничениот во предметот „Империја“ да се укине и да му се определи поблага мерка куќен притвор, по што на 27 декември 2018 година Апелациониот суд Скопје донел решение за определување мерка куќен притвор.“

Тој потсети дека во периодот март - април 2019 година, судот му ги вратил на осомничениот во предметот „Империја“ привремено одземените патни исправи.

„Јавниот обвинител да ја олесни неговата положба за да добие својство на заштитен сведок, ја искористил својата службена положба и овластување кои ги има согласно законите и за себе и за двајцата осомничени против кои се води истрагата прибавил имотна корист во значителен износ и тоа за себе предмети и мебел во вредност од 298.000 денари, кои за јавниот обвинител ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавил имотна корист од 1 милион и 500 илјади евра“, рече јавниот обвинител Јовески.

Меѓу другото, тој истакна дека досегашните докази потврдуваат дека се работи исклучиво за кривично-правен настан и затоа случајот не треба да се политизира или пак, да се поврзува со учество на лица од други држави.

Потсетуваме, за да даде исказ, вчера во Обвинителството беше повикана обвинителката Катица Јанева, која денес беше приведена.

Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која раководи со предметот „Рекет“, пред медиумите денес потврди дека во просториите на СЈО е одземен службениот компјутер на Јанева и се претресува нејзиниот дом во Гевгелија, а потврди и дека до Судот е доставен предлог за мерка притвор за Јанева.

Во деновите претходно, италијанскиот весник „Ла Верита“ (La Verita) објaви видео и аудиоснимки во кои се прикажуваат осомничените во случајот „Рекет“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.