D. Omanovic
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
МОСТАР (АА) - Во текот на престојот во Мостар по повод одбележувањето на Денот на независноста, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, се осврна и на кризата во светот, со акцент на војната во Украина и можната рефлексија на мирот на Балканот, односно во Босна и Херцеговина. Рече дека ситуацијата денес во БиХ не е едноставна и дека е оптоварена со сериозна политичка криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надевам дека сево ова нема да прерасне во безбедносна криза. Со руската агресија на Украина, кризата во Европа и светот се вжешти. Тоа мораме да го имаме предвид и кога станува збор за нашата земја. И пред агресијата на Русија над Украина барав да се зајакне воениот ангажман во Босна и Херцеговина, а високиот претставник да ја врши работата како што наложува Дејтонскиот договор“, рече Џаферовиќ.
Истакна дека присуството на војници од светот, како и на високиот претставник, не е обичен инструментализам и дека тоа е пропишано со важен документ.
„Затоа, штом започна кризата, ги повикав авторитетите од НАТО и ЕУФОР да ги зголемат своите сили во Босна и Херцеговина и така да го одвратат злото и да ја спречат кризата. Подобро е да се спречи, отколку подоцна да се гасне пожарот. И драго ми е што ЕУФОР ги зголеми силите, со желба тоа да биде посилно. Особено ми е драго што војниците се распоредени таму каде се наоѓаат повратниците кои се најзагрозени. Со тие активности се надевам дека ќе можеме да ја надминеме и политичката криза и дека нема да заминеме во безбедносна криза, која на никого не би му одговарала. И сигурен сум дека секој што тука би го предизвикал тоа, би завршил онака како што завршија и оние што порано го правеа тоа. Конечно е време деструктивните сили нешто да научат од историјата, бидејќи сите кои ја нападнаа Босна и Херцеговина завршија во Хаг и во ѓубриштето на историјата“, додаде Џаферовиќ.
На Босна и Херцеговина денес, според неговите зборови, ѝ требаат грижа за луѓето и економски развој.
„За жал, и понатаму на сцена имаме политичари кои сметаат дека ултимативно можат да ги решаваат работите во оваа земја. Никој не може да го поништи нивото на реформите што е достигнато. Тоа е прашање на институциите на државата Босна и Херцеговина. Оние што сметаат спротивно мислат само на себе или следат идеологии кои во оваа земја се веќе поразени. Тоа е веќе нивен проблем. Ние сме одлучни да го браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, порача членот на Претседателството на БиХ.
Запрашан за евентуалното продолжување на преговорите околу измените на Изборниот законик на БиХ, тој рече дека нема нови информации, и дека светот се занимава со кризата во Украина.