Andelija Stojkovic
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
БЕЛГРАД (АА) ‒ Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, денеска ги распиша изборите за претседател на Србија за 3 април годинава, кога ќе се одржат и парламентарните избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што рече Дачиќ, ова се редовни избори за претседател, се распишуваат 90 дена пред истекот на мандатот на претседателот, а кампањата мора да трае најмалку 30 дена, за да има доволно време.
Тој посочи дека денеска почнуваат изборните активности, а рокот за пријавување на листите за парламентарните избори и кандидатите за претседателските избори е 12 март на полноќ.
„На сите учесници на изборите им посакувам среќа и многу гласови; на крајот народот ќе биде врховен судија“, рече Дачиќ.
Досега некои листи ги објавија своите кандидати ‒ најголемата опозициска групација Обединета Србија како свој кандидат го најави поранешниот началник на Генералштабот на војската на Србија, Здравко Понош, зелено-левичарската коалиција МОРАМЕ ‒ професорката на Факултетот за биологија, Билјана Стојковиќ, која е и граѓански активист.
Партиите кои се на власт ‒ Социјалистичката партија на Србија и Српската напредна партија планираат да поддржат еден кандидат, а тоа треба да биде актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, но истакнаа дека тоа ќе се знае по седницата на партиските органи на СНС.