Ivana Ramadanova
09 Март 2018•Ажурирај: 09 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорите на Република Австрија во Атина, Приштина, Белград, Подгорица, Сараево и Брисел, предводени од Клаус Вулфер, раководител на Одделот Западен Балкан и проширување на ЕУ од Министерство за надворешни работи на Австрија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од кабинетот на претседателот Џафери, на средбата присуствуваше и амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, Ренате Коблер.
Претседателот Џафери изразил задоволство од средбата, за како што се наведува, во овој најповолен момент за земјата која аспирира да биде дел од Европската Унија и да ги примени европските вредности кои се пред сè значајни за сите нејзини граѓани.
„Претседателот Џафери, ги информираше присутните за преземените активности од Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија во делот на Собранието и рече дека се во фаза на заокружување", се вели во соопштението.
Во доменот на градењето добрососедски односи, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија е ратификуван во двата Парламента и истиот е стапен на сила, а има и интензивирање на директната комуникација меѓу Република Македонија и Република Грција околу изнаоѓање на решение околу разликите кои Грција ги има со уставното име на Република Македонија.
„Вулфер, заблагодарувајќи се за реализацијата на средбата, истакна дека Делегацијата е во посета на Регионот, со цел подобро да се информира за актуелните случувања во пресрет на австриското претседавање со Советот на ЕУ од јули оваа година. Тој ги констатираше одличните односи и силните долгогодишни врски кои постојат меѓу Република Македонија и Република Австрија и дека со особена посветеност ги следат актуелните случувања во земјата", стои во соопштението.
Притоа, како што пишува во соопштението, Вулфер му честиташе на претседателот Џафери за начинот на функционирање на Собранието на Република Македонија и му посака среќа во изнаоѓање модалитети и решенија за дијалог со опозицијата.
Вулфер нагласи дека фокусот на Западен Балкан и неговата европска перспектива ќе остане непроменет, бидејќи Австрија и Европа пошироко, посакуваат безбеден, стабилен и просперитетен регион и во рамките на претседателството на Тројката, преку Декларација, сакаат уште еднаш да ја потврдат европската иднина на земјите од Регионот.
Претседателот Џафери на крајот изразил очекување дека Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија во март оваа година, позитивно ќе го оцени напредокот на Република Македонија и ќе содржи јасна и безусловна препорака, со очекување дека до крајот на 2018 година ќе се добие и датум за преговори за членство во ЕУ.