Балкан

Џафери во Сребреница: „Болно е чувството да се биде на ова тажно место“

„Тага и болка се чувствуваат во секој здив кој се зема, на секој чекор кој се прави на ова тло. Сепак, треба да се биде силен и да се направи достоинствен чекор, да се оддаде почест на жртвите", рече Џафери

Dejan Maksimoviç  | 11.07.2019 - Обновена : 12.07.2019
Џафери во Сребреница: „Болно е чувството да се биде на ова тажно место“ ( Foto: Mustafa Öztürk/ Anadolu Agency )

СРЕБРЕНИЦА (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, на денешната комеморација во Сребреница изјави дека тоа што денеска се таму, на тоа тажно место, кое одекнува со тишина погласна од најголемиот вресок, претставува болно чувство, јавува Anadolu Agency (AA).

„Тага и болка се чувствуваат во секој здив кој се зема, на секој чекор кој се прави на ова тло. Сепак, треба да се биде силен и да се направи достоинствен чекор, да се оддаде почест на жртвите на познатите и непознатите, откриени и сѐ уште неоткриени, да покажаме на дело дека сме свесни за огромната човечка трагедија, да покажеме дека имаме морална и човечка одговорност и почит, да се охрабриме и заложиме дека никогаш не се заборава, за никогаш повеќе да не се повтори“, истакна Џафери.

Тој додаде дека сите кои живеат на ова подрачје, за жал, живеат обележани со поимот дека Балканот е буре барут, лонец кој постојано врие.

„За жал, историјата тоа го потврдуваше со ужасните воени судири кои го држеа вниманието на јавноста и го фокусираа на нас. Премногу крв се пролеа, премногу солзи протекоа, премногу неповратно загубени човечки животи, непроживеана младост, радост, семејни среќи и љубов. А толку многу можевме. Толку добро се познаваме меѓусебно. Познати сме по гостопримството, по топлиот и грижлив однос, дури невообичаено за некои други делови на планетата Земја знаеме како да се радуваме заедно и како да тагуваме, бидејќи пред сѐ сме луѓе, соседи, пријатели и роднини“, изјави Џафери, и продолжи:

„Имам надеж и оптимист сум дека регионот се менува на подобро, дека работите се гледаат преку поразлична призма. Новите генерации на политичари имаат отворен ум и јасен поглед кон светот, зборуваат за свет без граници, безброј можности за учење, истражување, работа и развој на младите, за широко отворени крила.“

Џафери на крајот испрати порака и апел до сите кои активно се вклучени во донесувањето одлуки да се посветат на мисијата на добрососедски односи, владеење на правото, изградба на демократски општества, почитување на поразличните и послабите...

По комеморацијата во Меморијалниот центар во Поточари денеска ќе биде извршена погребната молитва и ќе се изврши закопување на 33 новоидентификувани посмртни останки од жртвите од геноцидот кој во јули 1995 го сторија војската и полицијата на Република Српска, како и паравоените формации од РС и Србија над Бошњаците во заштитената зона на ОН.

На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, досега се погребани 6.610 жртви на геноцидот, а и понатаму се трага по над 1.000 исчезнати сребреничани.

Посмртните останки на жртвите од геноцидот се пронајдени на околу 150 различни локации, од кои повеќе од 70 се масовни гробници.

Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата жртва е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.