Zülfiya Yakup
11 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, му се извинил поради изјавите во врска со „плановите Тачи - Вучиќ“ за измена на границите на Косово, кои ги дал во телефонските разговори со двајца лажно претставени руски комичари, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи, по прошталната средба со шефицата на ЕУЛЕКС, Александра Пападополу, одговарајќи на прашањата на новинарите, истакна дека вчера дваесетина минути разговарал телефонски со премиерот Заев и дека му е разјаснето сѐ во врска со тој случај.
„Тој многу јасно ми кажа дека наседнал на измама, и дека сѐ што е речено за наводното давање на 10 општини на Србија било врз основа на озборувања, дезинформации и податоци на весниците „Спутник“ и руски гласини. Тоа ми кажа. Тој мене лично ми се извини, но и на Косово“, рече Тачи.
Тачи додаде дека односите со Република Северна Македонија и понатаму ќе бидат добри, коректни и добрососедски, како и досега.
Премиерот Заев оваа недела призна дека бил жртва на измама преку телефонски разговори со двајца руски комичари, кои лажно се претставиле како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и како поранешниот украински претседател Петро Порошенко, со кои разговарал за наводни планови на претседателот Тачи и српскиот претседател Вучиќ за поделба на Косово, така што 10 косовски општини со српско мнозинско население би се дале на Србија.