Abdula Berisha
11 Јули 2019•Ажурирај: 12 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Царинската управа на Република Северна Македонија, на прес-конференција информираше дека се пронајдени и запленети 16,5 тони цигари и 13 тони тутун, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што изјави директорот Ѓоко Танасоски, заплените се случиле во мај и јуни, а јавноста е известена сега поради истрагата која течела и поднесените соодветни кривични пријави.
Танасоски рече дека на граничниот премин „Табановце“, кој ги поврзува Северна Македонија и Србија, на 24 и 28 мај се пронајдени над 1.100 кутии цигари, со тежина од вкупно 16,5 тони. Тој рече дека се работи за вкупно 11 милиони цигари.
Тутунот во форма на листови беше запленет на 16 јуни на граничниот премин „Богородица“, на границата меѓу Северна Македонија и Грција. За камионот било пријавено дека превезува хартија за цигари, но царинските служби откриле дека во него има 130 кутии тутун, со вкупна тежина од 13 тони.
„Доколку цигарите, односно тутунот, се најдеа на домашниот пазар, со оглед на тоа што станува збор за акцизни добра, буџетот на државата на име царина, акциза и ДДВ, ќе беше оштетен за околу 1 милион евра, или над 64 милиони денари“, рече Танасоски, додавајќи дека стоките се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Танасоски вети дека Царинската управа, во соработка со други надлежни институции ќе продолжува да спроведува постојани акции за спречување на шверцот на цигари и други производи.