Admir Fazlagic
25 Февруари 2018•Ажурирај: 26 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, којшто престојува во посета на Република Македонија, се состана со претседателот на Владата, Зоран Заев, а по средбата одржаа заедничка прес-конференција на којашто Јункер истакна дека во земјата не дошол да соопшти конкретен датум за преговори, туку да каже дека Р. Македонија е на добар пат по кој треба да продолжи понатаму, за да може да ја добие потребната препорака, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не дојдовме да соопшиме датум за преговори, туку да соопштиме дека сте на добар пат и да продолжите на тој пат на реформи, за неколку месеци ќе ѝ овозможите на Европската комисија на Советот да му препорача отпочнување на преговорите за приклучување“, истакна Јункер.
Претседателот на Европската комисија посочи дека Македонија е географски дел од Унијата и дел од европската историја. Според неговите зборови, Република Македонија сфати дека ЕУ не е само заедница на економски интереси, туку заедница на еднакви вредности.
„Вашата земја постигна напредок кои ќе ѝ овозможи уште повеќе да се приближи до ЕУ. Спроведовте реформи кои го зачудија светот. Со Бугарија успеавте да склучите пријателски договор што ја зголеми репутацијата на вашата земја“, рече Јункер.
Во својот говор тој се осврна и на спорот околу името помеѓу Република Македонија и Грција, и рече дека тоа е прашање кое останува да го решат Македонија и Грција.
„Што се однесува до името на земјата, не би сакал ништо да кажувам затоа што на Вас останува да го решите проблемот со вашите грчки пријатели. Јас, минатитот петок за време на Европскиот совет во Брисел, разговарав со премиерот Ципрас и реков да остане на започнатиот пат“, рече Јункер. Истакна дека при пристигнувањето на аеродромот во Македонија, како што рече, веќе забележал дека нешто се сменило во однос на целокупната состојба со состојбата од претходно.
Додаде дека Македонија уште треба да работи на спроведување на реформите, како и дека на тоа треба да остане посветена.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, истакна дека со Стратегијата, Европската Комисија ја потврдува европската иднина на Република Македонија како географски дел од Европа кој ќе стане дел од политичката структура на Европската Унија. Според неговите зборови, сосема на место е определбата дека Унијата треба да биде посилна пред да стане поголема, а Република Македонија подготвена, за да го даде својот придонес во таа насока.
„Од наша страна ја афирмираме силната желба и посветеност за длабоки внатрешни реформи без одлагање со лидерство и одлучност да ја изодиме оваа клучна делница од патот кон нашето пристапување во ЕУ. Пристапувањето на РМ кон ЕУ директно влијане врз подобрувањето на животот на граѓаните. Нам и на сите граѓани ни е јасно дека колку сме поуспешни во остварувањето на домашниот рефорсмски план толку побрзо ќе пристапиме кон ЕУ и толку побрзо ќе се подобрува секојдневниот живот на граѓаните на Македонија“, рече Заев.
Тој додаде дека Македонија ја очекуваат уште неколку важни активности за 2018 година, како што рече, стане историска година за Македонија, изразувајќи очекување дека Извештајот на Европската Комисија ќе го забележи напредокот постигнат од Владата на планот на домашните реформи.
- Заев за спорот околу името: За Владата на Р. Македонија прифатливо е име со географска одредница -
Премиерот Заев рече дека затворањето на долгогодишните отворени прашања не е едноставен потег, се работи за сензитивни прашања за граѓаните на Македонија. Порача дека постои охрабрување од Договорот за пријателство со Бугарија, и дека Македонија продолжува со сериозна посветеност за надминување на клучниот проблем - решавањето на спорот околу името.
„Заедно со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на овој долгогодишен и мачен проблем, чие решавање ќе го отвори патот за интеграција на Макеоднија во ЕУ и НАТО, а тоа за нашите граѓани ќе значи и обезбедување нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати и подобар живот. Во врска со овој проблем, за Владата на Македонија е прифатливо име со географска одредница која ќе направи дистинкција меѓу нашата држава и регионот во Грција. Сепак, инсистираме на решение кое ќе овозможи трајно и одржливо затворање на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави. Наша должност е да преземеме одговорност за оваа историска можност, да го решиме ова отворено прашање меѓу двете земји“, истакна Заев.
Исто така, премиерот на Република Македонија изрази уверување дека на престојниот Самит на ЕУ-Западен Балкан ќе се создаде иновативна агенда по примерот на Солунската, која јасно ќе го трасира предпристапниот пат во ЕУ врз осова на предлозите од стратегијата.
Премиерот Заев порача дека е силно уверен оти во јуни 2018 година Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ).
Во рамките на неколкучасовната посета на Република Македонија, претседателот на ЕК, Јункер, кој беше придружуван од еврокомесарот Јоханес Хан, ќе се состане со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, а потоа заминува во Албанија, каде ќе освари средби со државниот врв.