Ivana Ramadanova
25 Февруари 2018•Ажурирај: 26 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Студено време со врнежи од снег денеска ја зафати и целата територија на Р. Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од хидрометеоролошкиот завод, во поголем дел од државата утринава е студено со врнежи од снег и минимални температури под нулата. Најстудено е во Маврово и Ѓуриште каде се измерени -7 степени, а најтопло во Гевгелија каде утринската температура е три степени над нулата.
Врнежи од снег утринава има во западните делови од државата, а долж Повардарието дува засилен северен ветер.
Во текот на денот врнежите од снег ќе биде повремени, а пообилни се очекуваат во ноќните часови. Дневната температура нема да се разликува од утринската и ќе биде во интервал од -2 до 3 степени, а на планините и значително пониска, особено во северните делови.
Врнежи од снег ќе има и во Скопската Котлина, почнувајќи од претпладневните часови, а пообилни ќе бидат во ноќните часови. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе биде околу нулата. Поради влијанието од многу студена и влажна воздушна маса пообилни врнежи се очекуваат и утре претпладне кога на пониските места ќе се формира снежна покривка од околу 10 до 15 см, а на планините ќе се зголеми и за над 30 см.
Во вторник послаби врнежи од снег ќе има во западните и јужните делови од земјава. До четврток температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината. Утринските температури од вторник до четврток ќе се спуштаат и под -10 степени.
Инаку, во регионот веќе е прогласен црвен метеоаларм, поради снегот.
Хрватскиот метеоролошки завод издаде предупредување дека во среда се очекува студен бран кој може да биде многу опасен за здравјето на луѓето. Алармот е вклучен за четити хрватски града – Загреб, Карловац, Госпиќ и Сплит.
За во среда се најавуваат екстремно ниски температури какви што немало зимава. Во Загреб температура ќе се спушти до -17-от степен, додека во Вараждин, Карловац и Плитвице температурите ќе паднат до – 18 степени Целзиусови. На планинскиот врв Завижан измерени се 232 сантиметри снежна покривка, додека во националниот парк Плитвички езера 115 сантиметри.
Во Босна и Херцеговина најмногу снег има на Бјелашница, 183 сантиметри и во Краина. За разлика од Хрватска и БиХ, во Србија снежната покривка е помала, на Копаоник измерени се 72 сантиметри, додека на Златибор 33 сантимети снег. Најмногу снег во Црна Гора има на Жабљак и тоа 97 сантиметри.