Ekipa
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ХАГ (АА) - Жалбениот совет на Механизмот за меѓународни кривични судови (MMKS) ја изрече денес конечната пресуда во предметот против Воислав Шешељ, прогласувајќи го за виновен за злосторства против човештвото и осудувајќи го на 10 години затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Шешељ е прогласен за виновен за индивидуална одговорност за злосторствата против човештвото кои опфаќаат поттикнување на прогон, принудно раселување, депортации и преместување на цивилите кои не се Срби во Хртковци во Војводина, Србија.
Подбуцнувачкиот говор поради кој е осуден Шешељ во војводинското село Хртковци го одржа на 6 мај 1992 година.
Со денешната пресуда на Механизмот за меѓународни кривични судови е укината првостепената пресуда на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија од 21 март 2016 година, со која Шешељ е ослободен од сите 11 точки на обвинението според кои се товари за воени злосторства и злосторства против човештвото на подрачјето на БиХ, Хрватска и Војводина во Србија од 1991 до 1993 година.
При изрекување на пресудата, претседателот на Жалбениот совет, Теодор Мерон, изјави дека Жалбениот совет прогласува дека споменатата казна е отслужена, имајќи предвид дека во казната се смета и времето кое Шешељ го поминал во притворот на , меѓу 2003 и 2014 година.
Жалбениот совет на MMKS ги одби сите останати аспекти на жалбата на Хашкото обвинителство, вклучувајќи ги предлозите изнесени во жалбата на првостепената пресуда, Шешељ да биде прогласен виновен и за злосторствата сторени на подрачјето на БиХ и Хрватска.
Шешељ, лидерот на Српската радикална партија, од притворот на Хашкиот трибунал е пуштен на привремена слобода поради влошена здравствена состојба кон крајот на 2014 година. Изрекувањето на првостепената и конечна пресуда ја следеше од Белград.
Тој и денес е пратеник во Народното собрание на Србија.