АНКАРА (АА)
- Назли ЈУЗБАШИОГЛУ
Црногорскиот министер за економски развој, Јаков Милатовиќ, зборувајќи дека Турција е меѓу првите 10 земји што инвестираат во Црна Гора, истакна: „Сепак, ние веруваме во потенцијалот на Турција да биде еден од првите 5 инвеститори во земјата.“
Милатовиќ за дописникот на АА ги оцени разговорите за економските односи меѓу Турција и Црна Гора, што ги имаше со турските претставници во Истанбул и Анкара минатата недела.
Наведувајќи дека за време на посетата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на Црна Гора во август разгледани се чекорите што треба да се преземат за развој на економските врски, Милатовиќ рече дека ја посетил Турција по повод активностите што треба да се извршат со цел да се имплементираат прашањата разгледани во август.
Милатовиќ рече дека за време на неговата прва официјална посета на Турција се сретнал со министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, министерот за трговија, Мехмет Муш, и министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, кој е и копретседател на Заедничката економска комисија на Турција и Црна Гора.
Осврнувајќи се на билатералните односи, Милатовиќ рече: „Црна Гора и Република Турција се две пријателски земји со одлични политички врски. Ние сме сојузници во НАТО. Главната надворешнополитичка цел на Црна Гора е, покрај пристапувањето во Европската Унија (ЕУ), се разбира и да одржува пријателски односи со нашите соседи, каде се наоѓа и Турција во поширок контекст.“
Наведувајќи дека економските односи меѓу Турција и Црна Гора се во пораст во последните неколку години, Милатовиќ рече дека тие го имаат потребниот потенцијал да се зголемат уште повеќе.
„Околу една третина од сите странски компании во Црна Гора се со турско потекло и нивниот број се зголемува. Ова значи дека турскиот деловен свет, турските граѓани ја гледаат Црна Гора како добро место за инвестирање.“
Милатовиќ, исто така, додаде дека меѓусебната трговија е зголемена во последниве години и дека целта за следниот период е двојно зголемување на билатералната трговска стапка од 2019 година.
Посочувајќи дека во моментов верува дека економските врски меѓу двете земји можат да бидат подобри и посилни, Милатовиќ рече: „Турција веќе е меѓу првите 10 земји за инвестирање во Црна Гора. Сепак, ние веруваме во потенцијалот на Турција да биде една од првите 5 странски инвеститори во земјата. Обемот на трговијата меѓу двете земји е околу 150 милиони долари. Сметаме дека оваа сума може да се удвои во наредниот период.“
Милатовиќ, исто така, изјави дека зголемувањето на летовите меѓу Црна Гора и Турција и додавањето летови и до други градови освен до Истанбул ќе има позитивно влијание врз трговијата.
Меѓу другото, Милатовиќ потсети дека со платформата на Заедничката економска комисија на Турција и Црна Гора ќе се поттикне зајакнување на економските врски меѓу двете земји.
Истакнувајќи дека следната седница на Заедничката економска комисија на Турција и Црна Гора се очекува да се одржи во февруари во Турција, Милатовиќ рече дека таа средба ќе биде многу добра можност да се придвижат сите прашања поврзани со економските односи.
Милатовиќ, наведувајќи дека во Црна Гора работат повеќе од 3.000 турски компании, рече дека областите како што се недвижности, туризам, логистика, енергија и информатичкиот сектор се гледаат како добри можности за инвестирање од страна на турските инвеститори.
Давајќи примери за инвестициите на водечките турски компании во секторите за управување со пристаништа, банкарство, челик, туризам и недвижности во неговата земја, Милатовиќ потсети дека „Туркиш ерлајнс“ исто така, организира летови до Црна Гора двапати дневно.
Потсетувајќи дека црногорската економија се очекува силно да порасне на крајот на оваа година и тоа да создаде логична основа за инвеститорите да дојдат во Црна Гора, Милатовиќ додаде дека целта на неговата земја е да стане членка на ЕУ до 2025 година.
Милатовиќ наведе дека во Црна Гора има разумни даночни стапки и дека тоа е важна причина што привлекува инвеститори во земјата.
Изразувајќи благодарност за проектите што ги спроведува Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Милатовиќ рече: „Благодарни сме за силната посветеност на ТИКА и турската Влада финансиски да ја поддржат не само црногорската економија, туку и општеството во целина. Со нетрпение ги чекаме идните проекти на ТИКА.“
Милатовиќ, посочувајќи на активностите насочени кон промовирање на турската култура и наставата на турски јазик во земјата, рече: „Бројот на студенти од Црна Гора кои студираат на универзитетите во Турција со стипендии се зголемува, и ова е добра врска за нашите идни економски односи. Бидејќи тие ќе можат да го разбираат и зборуваат јазикот, ќе можат да работат во турски компании. Тоа е една основа што ќе овозможи подобро да се разберат сите можности.“
news_share_descriptionsubscription_contact
