Samir Kajoševic
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Пратеникот на Демократскиот фронт (DF) во Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ, го повика црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ да не го потпишува Законот за слобода на вероисповед, туку да го врати во Парламентот на повторно разгледување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мандиќ на вонредната прес-конференција ги повика граѓаните да извршат притисок врз претседателот да не го потпишува споменатиот закон.
„Го повикуваме претседателот Мило Ѓукановиќ со указ да не го прогласува законот, туку да го врати во Собранието со цел да се доработи и да се отстранат недостатоците... Даваме можност и за распишување референдум за Законот пред Ѓукановиќ да го потврди со потпис“, рече Мандиќ.
Тој повтори дека Владата со овој закон сакала да го официјализира грабежот на црковниот имот и порача дека граѓаните и црногорско-приморската митрополија нема да го дозволат тоа. Мандиќ предупреди дека станува збор за антиправославен закон на кој се противат Србите од Куманово до Бања Лука и од Суботица до Херцег Нови.
Мандиќ порача дека Демократскиот фронт во наредните денови ќе се консултира со Митрополијата и со остатокот од опозицијата, со цел организирање протести.
Собранието на Црна Гора во петокот го усвои Законот за слобода на вероисповед, а на усвојувањето му претходеа инциденти во пленарната сала во текот на кои пратениците на Демократскиот фронт ги навредуваа и ги гаѓаа останатите пратеници и претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ. Поради тоа обезбедувањето насила ги изведе од салата, а по инцидентот полицијата уапси 22 лица - 18 пратеници на Демократскиот фронт и уште 4 други.