Adel Omeragic
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Два нови повеќенаменски хеликоптери од типот „Bell 412 EPI“ наменети за воздухопловните сили на Црна Гора, пристигнаа денеска во Црна Гора. Хеликоптерите ќе бидат во функција за трагање и спасување, гасење пожар, помош на населението, како и за воени вежби, јавува Anadolu Agency (AA).
За двата нови хеликоптери од типот „Bell 412 EPI“, како и за хеликоптерот „Bell 412 EP“, Владата на Црна Гора издвои 30 милиони евра.
На свеченоста по повод доаѓањето на новото вооружување на Воениот аеродром во Голубовци, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, рече дека новите воздухопловни средства ќе бидат ангажирани во мисиите за трагање и спасување, како и за разни видови медицински евакуации, а во исто време ќе ги унапредат и капацитетите за реагирање во вонредни ситуации и ќе го подигнат нивото на безбедност на туристите што престојуваат во Црна Гора.
„Значи, вложивме во себе и во безбедноста на нашите граѓани“, рече црногорскиот премиер.
Тој истакна дека хеликоптерите коишто денеска пристигнаа во Црна Гора претставуваат најзначајно опремување на црногорската Војска од обновувањето на државната независност и ја потврдува одлучноста на Црна Гора да ги јакне своите способности во рамките на НАТО.
„За време на пристапувањето во НАТО, соопштивме дека во друштвото на најмоќни и најразвиени ќе бидеме одговорна членка и ќе ги јакнеме способностите на нашата војска во согласност со потребите на колективната безбедност. Свесни сме дека со таков пристап, недвосмислено ја покажуваме одговорноста кон конфорот и безбедноста на нашите граѓани, но и на инвеститорите, туристите и сите оние што од каква било причина ја посетуваат Црна Гора“, рече на свеченоста премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ.
Началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора, бригадниот генерал Драгутин Дакиќ, соопшти дека проектот за набавка на овие хеликоптери е од исклучително значење.
„И покрај нашата долгогодишна визија, дури сега се создадоа сите услови тоа и да се реализира. Свесни за потребите на нашата војска и држава, одбравме тип и модел на хеликоптер којшто на најдобар начин ќе им одговори на безбедносните побарувања на целокупната територија на државата. Овие хеликоптери ќе ја унапредат мобилноста на единиците, нивните извидувачки способности, како и вкупните транспортни капацитети на Војската на Црна Гора“, рече генерал Дакиќ.
Дарко Павловиќ, мајор во Војската на Црна Гора, во кратки црти ги објасни карактеристиките на хеликоптерите.
„Произведени се во 2018 година и многу добро се опремени. Во функција се за трагање и спасување, гасење пожари, за давање помош на населението, како и за воени потреби. Ова се најмоќните хеликоптери во светот. Имаат автопилот и најсовремена навигациска опрема“, рече мајор Павловиќ.
На свеченоста присуствуваше и министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, припадници на Војската на Црна Гора, како и претставници на дипломатскиот кор.