Zülfiya Yakup
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес изјави дека величањето на Слободан Милошевиќ од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на неговата посета на Косово, било погрешно и дека не помага за подобра атмосфера во дијалогот, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи, по состанокот со лидерите на Прешевската Долина, рече дека приказната на Вучиќ за помирување, разбирање и неопходност од договор со Албанците не одат заедно со приказната за балканскиот касап одговорен за геноцидот во Косово, БиХ и за војните во Хрватска и Словенија.
„Тие две нешта не одат заедно. Величањето на личноста на балканскиот џелат Милошевиќ и неговите генерали и повикот за мир, разбирање, добрососедство и договор не одат паралелно. Затоа јас сметам дека тоа беше погрешен став, непотребен, кој ниту малку не помага во создавањето подобра атмосфера во дијалогот и преговорите“, истакна денес Тачи на заедничката прес-конференција со политичките лидери на Албанците од Прешевската Долина, со кои се состана денес во Приштина.
Во таа пригода, албанските лидери од Прешевската Долина го повикаа Собранието на Косово да изгласа резолуција која би го подржала нивното барање за припојување на Прешевската Долина кон Косово, како и да бидат вклучени во конечната фаза од дијалогот помеѓу Косово и Србија.
Тачи во врска со тоа истакна дека е јасно оти волјата на Албанците од Прешевската Долина е институционализирана преку нивните политички лидери и претставниците на граѓанското општество, и дека тој, како претседател на Косово, силно ја поддржува реализацијата на нивното барање.
„Се надевам и силно верувам дека сите во Косово, без оглед на партиските, идеолошките и локалните разлики, политичките партии, граѓанското општество, медиумите, граѓаните, ќе го поддржат правото за припојување на Прешево, Бујановац и Медвеѓа“, рече Тачи.
Косовскиот претседател истакна дека верува оти Владата, Собранието и сите партии ќе го поддржат и барањето политичките претставници на Прешевската Долина да бидат дел од дијалогот Косово - Србија, преку косовските институции.
Истовремено нагласи дека Приштина ќе работи на зближување со Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓа и дека ќе им помогне преку фондовите за солидарност. Повтори и дека корекцијата на границите за која се залага не значи поделба или размена на територии.
Претседателот на Општина Прешево, Шкиприм Арифи, рече дека на претседателот Тачи му е претставена идејата за усвојување на резолуцијата, која треба да ја усвои Собранието на Косово, во врска со барањето за припојување кон Косово, што датира уште од 1992 година.
„Денес разговаравме и за вклучувањето, кое и претходно го баравме, на Прешевската Долина во преговарачкиот тим кој преговара и за Прешевската Долина во оваа финална фаза на дијалогот и сметам дека тое е легитимно барање и не создава дисбаланс во правец на Србија, затоа што таму веќе имаме претставници на Србите“, рече Арифи.
Претседателот Тачи одговарајќи на новинарско прашање за негова евентуална посета на Прешевската Долина, рече дека тој во Србија е осуден во отсуство, и дека како претседател не може да дозволи да има судир со полицијата на Србија, на која ѝ се спротивставил, како што рече, кога било време за тоа.