Stipe Majic
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, и сојузниот претседател на Република Австрија, Александар Ван дер Белен, во текот на денешната средба коментираа, меѓу другото, за неодамнешниот говор на српскиот претседател Александар Вучиќ во Косово, проблемот со миграциите, потенцијалната изградба на големиот миграциски центар во Велика Кладуша во Босна и Херцеговина и за начините за решавање на миграциската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, со австрискиот колега Ван дер Белен разговараше за југоистокот на Европа, по што уште еднаш повтори дека го поддржува членството на Србија и на сите соседни држави во Европската Унија (ЕУ), бидејќи смета дека тоа е добро за просперитетот на целиот регион и ЕУ, како и за долготраен мир и стабилност на овој простор.
Грабар-Китаровиќ истакна дека Хрватска не сака да блокира никого на европскиот пат, но дека очекува секоја држава да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, кои, како што рече, станаа специфични, по утврдување на критериумите за Западен Балкан.
„Не разговаравме за говорот на претседателот Вучиќ. Не гледам зошто тој би бил релевантен за Хрватска, зошто Вучиќ би наметнувал теми во Хрватска. Ние имаме свои проблеми, се занимаваме со Хрватска, со хрватскиот пат кон просперитетот. Сакаме добри односи со Србија, со српскиот народ и јас лично сакам и стабилност на српската заедница овде во Хрватска и на хрватската во Србија, и нема да дозволам г-дин Вучиќ да наметнув какви било теми со кои би се занмавала, ниту би се спуштала на тоа ниво да ги коментирам неговите говори, бидејќи мислам дека тој самиот за себе најдобро зборува“, рече хрватската претседателка.
Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, одговарајќи на новинарско прашање во врска со говорот на српскиот претседател, се осврна на состанокот во Алпанач во август оваа година, каде што присуствуваше на заедничката вечера на која беа и српскиот претседател, Александар Вучиќ и претседателот на Косово, Хашим Тачи.
„Вучиќ и Тачи на таа вечер седеа еден до друг и само овој факт што седат еден до друг предизвика големо внимание, и морам да кажам дека луѓето многу цивилизирано разговараа, и говорите кои ги држеа беа на многу високо ниво, а како таква можеме да ја оцениме и нивната лична средба“, рече Ван дер Белен.
Тој ги пофали напорите на високата европска претставничка Федерика Могерини на развојот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, и истакна дека тој дијалог и понатаму е во тек.
„Зошто сега дојде до одреден пресврт по тоа прашање, не можам да влезам во таква оценка, но мислам дека за две недели нештата ќе изгледаат многу поразлично“, изјави Ван дер Белен.
На прашање на новинар, Грабар Китаровиќ се осврна и на својата прекугранична посета на БиХ и на изградбата на големиот миграциски центар во Велика Кладуша.
„Прашањето за изградбата на голем миграциски центар во Велика Кладуша не е прашање на ксенофобија или отпор кон луѓето кои доаѓаат, туку станува збор за нивниот страв од дестабилизација на локалната ситуација и пораст на криминалот, барем како што ме предупредија и запознаа, а со тоа ја запознаа и Европската комисија“, изјави Китаровиќ.
Таа нагласи дека изградбата на таков голем центар не само што ќе влијае на локалната ситуација во Велика Кладуша, туку, ќе направи и понатамошен притисок на границите на Хрватска и ЕУ, кога станува збор за илегалните миграции.
Австрискиот претседател истакна дека тоа е внатреполитичко прашање на БиХ, но додаде дека во Австрија постои консензус дека настаните со миграциите од 2015 година не смеат да се повторат.
Тој порача дека во 2015 година немало алтернатива поради големиот број мигранти што дојдоа од соседните земји и кои требало да бидат пропуштени, и дека барањата за азил главно се однесувале на Шведска и Германија.
„Во Австрија, како и во другите земји-членки на ЕУ, често се мешаат прашањата за азил и прашањата поврзани со бегалците и економскиот статус. Постојат економски мигранти кои сакаат да дојдат во земјите-членки на ЕУ, но не од причини поврзани со Женевската конвенција, туку поради сосема други причини. Тоа е прашање кое треба да го реши ЕУ“, порача австрискиот претседател.
Ван дер Белен најави дека австрискиот канцелар Себастијан Курц ќе одржи европско-африкански самит во Виена, каде што со државниците на африканските земји ќе разговара за насочување на миграциските бранови.