Husamedin Gina
17 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека Комисијата за заразни болести на денешната седница заклучила дека нема потреба од носење на нови мерки против Ковид-19 и дека останува полицискиот час од 22 часот до 5 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, одржаа онлајн прес-конференција.
На прес-конференцијата, министерот Филипче истакна дека Комисијата за заразни болести заклучила дека нема потреба од нови мерки против Ковид-19 и дека останува полицискиот час од 22 часот до 5 часот.
„Оваа сегашна мерка, рестрикција на движењето после 22 часот, треба да остане иста, нема да се надополнува, а дефинитивните резултати се очекуваат кон крајот на оваа недела, викендот или почетокот на следната недела. Дотогаш сме спремни да ги менаџираме сите други активности во однос на капацитетот на болниците“, нагласи министерот Филипче.
Филипче, осврнувајќи се на анализата на состојбата со Ковид-19 во земјата, рече дека се наоѓаме во екот на третиот бран од почетокот на пандемијата и дека во изминатиот месец има постојан раст и зголемување на активните случаи, што според Институтот за јавно здравје изнесува 11.889.
Во однос на вакцините и процесот на вакцинација, министерот Филипче рече дека успешно тече процесот на вакцинација на здравствените работници и дека заклучно со вчерашниот ден вакцинирани се 5.300 здравствени работници.
„До крајот на овој месец, почетокот на идниот месец, очекуваме да профункционира Ковакс-системот преку кој би стигнале околу 100.000 вакцини. Во тој временски период интензивно разговараме и со кинеските и руските претставници за овие вакцини. Но за тоа сè уште нема датум, но има причина да веруваме дека тоа ќе биде до првата недела во април“, рече Филипче.
Додавајќи дека е свесен дека набавката на вакцините не оди со посакуваната динамика, министерот Филипче рече дека обезбедувањето вакцини во буквална смисла на зборот е практично војна и дека побарувачката многукратно ја надминува понудата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, меѓу другото даде уверување дека сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат безбедни.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, одговарајќи на новинарско прашање за реинфекција со заразата на Ковид-19, рече дека реинфекцијата е возможна и дека будно го следат тој процент на повторно заразување.
Според Караџовски, бројката од 116 повторно заразени во Северна Македонија, во однос на вкупната бројка на заразени што изнесува 112.000, е многу мала бројка и изнесува негде околу 0,01 процент.
Одговарајќи на новинарско прашање што мисли лично за спроведувањето на пописот, Караџовски рече дека тоа дали ќе се одржи пописот или не е политичка одлука и дека државните институции ќе одлучат за тоа.