Adel Omeragic
17 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - Педесет отсто од црногорските граѓани гласаа за останување на Црна Гора во НАТО, а 30 отсто за излез на државата од Алијансата, покажа извештајот на НАТО за минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето „Кога би можеле да гласате за или против членство на својата земја во НАТО, како би гласале?“, 30 отсто од граѓаните на Црна Гора изјавија дека би гласале за излез од НАТО, 50 отсто за останување во Алијансата, додека 20 од нив беа неопределени.
Во извештајот, што во вторникот го претстави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, а кој е објавен на официјалната страница на НАТО, се наведува дека на ниво на земјите членки поддршката на НАТО и понатаму е висока.
НАТО минатата година спроведе истражувања во сите 30 земји членки, со цел разбирање на перцепцијата на граѓаните во контекст на пандемијата на Ковид-19 и следење на трендовите во споредба со 2019 година.
„Истражувањето потврди дека во годината на значајни потреси, поддршката за членството во НАТО останува висока: речиси две третини од граѓаните на НАТО гласаа за тоа нивната земја да остане членка на НАТО (62 отсто), а само 11 отсто гласаа нивната земја да го напушти Сојузот“, се наведува во извештајот.
Постои и трајна доверба во ефектот на членството во НАТО: 58 отсто од граѓаните на земјите сојузнички и понатаму го доживуваат членството во НАТО како шанса за намалување на веројатноста од напади од странските држави, а само 16 отсто не се согласни со таа изјава.
„Истражувањето исто така ја покажа силната и трајна поддршка за трансатлантско поврзување и колективна одбрана. Граѓаните на сојузничките земји и понатаму веруваат дека соработката меѓу Северна Америка и Европа за прашањата за безбедноста и сигурноста е значајна (79 отсто)“, се вели во извештајот.
Се наведува дека согласноста со принципот на колективна одбрана исто така останува висока.
„Седумдесет и шест отсто од граѓаните на земјите сојузнички се согласни дека со останатите сојузници би требало да ја бранат својата нација ако бидат нападнати, додека само шест отсто не се согласни со тоа. Шеесет и девет отсто мислат дека нивната нација би требало да го брани другиот сојузник ако го нападнат, додека девет отсто не“, се наведува во извештајот.