Bojana Stojanovic
17 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
БЕЛГРАД
Во Белград, но и во остатокот од Србија денес на сила се нови мерки за делумно затворање поради влошената епидемиолошка ситуација, а според кои до понеделник можат да работат само прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од синоќа, па сè до понеделник ќе бидат затворени сите угостителски објекти, трговски центри, сите продавници освен прехранбените, кината, музеите, галериите, козметичките и фризерските салони, салоните за убавина, кладилниците, казината, детските игротеки, теретаните, вежбалниците, фитнес-центрите, базените и местата за спорт.
Засега во Белград се почитуваат мерките, па кафулињата, рестораните, трговските центри и продавниците кои не продаваат храна се затворени.
Мерките за затворање не се однесуваат на претпријатијата, фабриките и нивните интерни организации за работа и деловни активности. Исто така, во вообичаеното работно време ќе бидaт отворени сите шалтери на државната управа, поштите, банките, осигурителните компании, менувачниците.
Идентично како за викендот, објектите во кои не се применува ова ограничување на работата во наредните денови и на кои им е дозволено да работат за време на викендот се аптеките, ординациите, лабораториите, стоматолошките и ветеринарните ординации, ветеринарните аптеки, трговските објекти каде што се продаваат прехранбени производи, пазарите, зелените пазари, продавниците за добиточна храна, продавниците за миленичиња и независните малопродажни објекти каде што се купува без да се влегува во објектот, како што се киосци и трафики.
Можат да работат и објектите и продавниците кои обезбедуваат услуги за кои не е потребно долгорочно присуство на корисниците и во кои контактот е ограничен, како што се чевлари, секачи на стакло, кројачи, столари, вулканизери, технички прегледи, автоперални, хемиско чистење, бензински пумпи при вршење продажба на гориво, ресторани и барови во рамките на хотелските и други категоризирани сместувања исклучиво за гостите што имаат регистриран престој во тој хотел, како и спортските објекти за подготовка и одржување на регистрирани натпревари во рамките на надлежните национални спортски федерации.
Важни забелешки се дека шалтерот за продажба на храна во рестораните, како и шалтерот за продажба на кафе и пијалаци во баровите на шеталиштата не е дозволен.
„Вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива без прекини според однапред утврден план во наредните денови, така што новите мерки на кој било начин не го загрозуваат процесот на имунизација“, објави Владата на Србија.
Во Србија во последните денови се бележат повеќе од 4.500 новозаразени на дневно вино, како и повеќе од 20 починати од последиците на вирусот, поради што е одлучено да се воведе делумно затворање.
„Медицинскиот дел од Кризниот штаб за борба против коронавирусот бараше делумното затворање да трае 14 дена, но е најдено компромисно решение“, наведе претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ.
Таа изјави и дека во понеделник ќе се разгледа што ќе се прави понатаму.