Furkan Abdula
11 Август 2022•Ажурирај: 12 Август 2022
СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Феноменот на румелискиот хумор на социјалните мрежи, Селвије Инџи, се приклучи на екипата на седмата епизода од серијата „Балканска приспивна песна“, што турската радиотелевизија ТРТ 1 ја снима во Скопје.
Инџи, која на социјалните мрежи споделува хумористични видеа со турски акцент од Северна Македонија со повеќе од 500 илјади следбеници на Инстаграм, за Агенција Анадолија (АА) говореше за тоа како станала феномен на социјалните мрежи, за понудата од серијата „Балканска приспивна песна“ и ликот што го игра во оваа серија.
Таа нагласи дека најпрвин на социјалните мрежи објавувала видеа со рецепти од румелискиот крај, потоа почнала со објавување на хумористични видеа и веќе три години објавува такви содржини на социјалните мрежи.
Инџи рече дека не претпоставувала дека хуморот на регионот ќе го разберат и луѓето надвор од него.
„Балканот навистина секаде е сакан. Сите оние кои не се од Балканот, од Румелија, кои не се доселеници, сите многу го сакаат Балканот. Ги искористив придобивките од тоа. Исто така, на таа платформа немаше комичар од Румелија како мене. И јас имав голема корист од ова. Така почнав да напредувам“, вели Инчи.
- „Секоја професија која се занимава со луѓе е тешка“ -
Инџи нагласи дека обичаите и традициите се многу важни во културата на румелискиот крај, дека не се чувствува удобно со ограничениот наратив за Балканот на телевизија, и дека токму затоа во нејзините содржини детално го покрива Балканот.
Таа истакна дека на почетокот се обидела сама да произведува содржини и за кратко време тоа почнало да се претвора во бизнис, додавајќи дека ја добила и наградата за најдобар феномен на наградите „Најдоброто од Румелија“ (Best of Rumeli).
Како што рече Инџи, социјалните мрежи се пријатна, но во исто време и тешка платформа.
„Потребна е здрава психа. Затоа што има секакви луѓе. Секоја професија која се занимава со луѓе е навистина тешка. Но, социјалните мрежи се сосема друго место. Затоа што никој не се двоуми да каже што сака. Потребна е многу здрава психа“, нагласи Инџи.
Зборувајќи за понудата што ја добила да биде дел од серијата „Балканска приспивна песна“, која се снима во Скопје, Инџи рече: „Сѐ уште не велам „јас сум актерка“. Ова бара многу работа и труд. Луѓето трошат години за тоа. Благодарна сум што имаа доверба во мене. Ми дојде понудата и ја прифатив. Помина уште една недела со оваа емоција. Има големи имиња како Ердал Озјагчилар и Озлем Туркад; работите со режисер како Сердар Акар.“
Инџи вели дека многу работи научила од актерите на серијата, додавајќи дека тоа е многу добро искуство за неа.
„Замислете, пред извесно време седев дома и на телевизија ја гледав серијата „Збогум, Румелија“. Сердар Акар е режисер за кого читав по весници, на интернет и истражував за него. Ердал Озиагџилар е актер од Јешилчам [турската кинематографија] кого го следеше татко ми, а сега јас глумам покрај него. Доволно ми е ова. Затоа што и онака никогаш не сонував да бидам актерка. Сѐ уште го немам тој сон. Немав таков план во животот, но се случи и мило ми е за тоа“, вели Инџи.
Осврнувајќи се на ликот Ѓулданије што го глуми во серијата, Инџи додаде: „Не знам како да ја опишам таа улога. Ако треба да ја пофалам, не можам. Многу луд карактер, доминантен лик. Во серијата се вклучив како тетка на Ертан. Изненадувачки строг лик. Но таа си има само една мисија: да ги омажи и ожени сите. Има алергија на сите самци. Значи не сакам да гледам самци наоколу.“
„Да, тоа е многу комична тетка. Многу доминантен лик. Мојот лик во серијата е на 50-годишна возраст. Но сега не знам како ќе биде прифатен овој лик, бидејќи како бомба паѓа среде љубовта на Јованка и Ертан. Се надевам дека ќе ви се допадне овој лик“, рече Инџи.
Таа во акцентот кој го користи во хумористичните видеа и во серијата, на јавноста ѝ ја пренесе следната порака: „Во вторник навечер не одете на гости, туку останете дома и во 20 часот гледајте телевизија.“