Tevfik Durul
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ПЕКИНГ (АА) - Народноослободителната армија на Кина предупреди за прекумерната поддршка во јавноста што на социјалните мрежи ја добиваат објавите на државните функционери и високите службеници во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Црвената армија објави текст на официјалната интернет-страница, во кој се предупредува кинеската јавност дека „ја надминува секоја мера“ со поддршката, или т.н. „лајкување“ на инстант-пораките и објавите на кинеските официјални лица на социјалната мрежа WeChat, која е една од попопуларните во земјата.
Во текстот се наведува дека таа поддршка и очигледната популарност на објавите на претставниците на Комунистичката партија на Кина може да предизвика ароганција и вообразеност.
Исто така, се наведува дека безрезервната и неразумна поддршка на личните објави на кинеските власти може да се третира како еден вид „нематеријален поткуп“. Голем број вработени во јавниот сектор во Кина отворија профили на социјалните мрежи, исклучиво за поддршка на објавите на своите претпоставени.
„Без оглед на тоа дали некој е член на Комунистичката партија или не, никој не смее да има привилегиран статус и популарност на социјалните мрежи. Потребно е поддршката на пораките објавувани од страна на официјалните лица на социјалните мрежи да се сведе на разумно ниво“, се наведува во предупредувањето на Црвената армија.