Admir Fazlagic
27 Април 2018•Ажурирај: 29 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) – По одржаниот состанок денеска во Скопје на земјите членки на Процесот Брдо-Бриони, учесниците порачаа дека кога Северна и Јужна Кореја, успеале да ги приближат своите ставови, дека и помеѓу земјите од регионот може да дојде до помирување и надминување на несогласувањата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој беше специјален гостин на состанокот, на заедничката конференција за медиумите со претседателите на земјите од регионот, истакнувајќи дека регионот постојат позитивни примери за соработка и надминување на бариерите, рече дека на регионот му требаат повеќе позитивни примери како што се Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и Спогодбата меѓу Приштина и Црна Гора.
„Можеби, историјата на Балканот, која наликува на хорор филм, кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај. Она што се случи со Северна и Јужна Кореја покажува дека невозможното станува возможно", истакна Туск.
Осврнувајќи се на неговата посета на земјите од Западен Балкан, Туск порача дека укажал дека земјите членки на Европската унија се залагаат за европската перспектива на регионот.
Одговарајќи на новинарско прашање за решавање на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, Туск рече дека минатата година слушнал дека е невозможно да се реши тој спор, но дека сега двете земји се блиску до постигнување успех. Решавањето на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, според зборовите на Туск, би бил најдобар симбол за успех во регионот.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, присетувајќи се на почетоците на Процесот Брдо-Бриони рече дека, од тогаш па до денеска може да се констатира успех во овој процес. Пахор истакна дека фокусот на ЕУ на регионот на Југоисточна Европа е од големо значење, поради што изрази оптимизам.
„Одлуката на Европската комисија и Европската унија повторно, поамбициозно да ги поддржат реформите во Југоисточна Еворпа со цел земјите еднаш за секогаш да станат дел од ЕУ е од големо значење, но врз основа на моите политички искуства е јасно дека Брисел не може да направи се доколку дел не направат лидерите. Дел од тоа е нашатата мудрост и волја. На тоа гледам со една оптимистична перспектива", истакна Пахор, додавајќи дека сепак, политичките лидери од регионот не би смееле да потценуваат ниту еден мал инцидент.
Премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов изрази уверување дека лидерите од регионот ќе ги решат меѓусебните отворени прашања и ќе се заложат за своите амбиции со цел подобри перспективи.
„Се надевам дека Вучиќ и Тачи ќе ги разрешат отворените прашања и се надевам дека нема да дојдеме до точка во која некој ќе се одлучи да го опструира напредокот на сите нас врз неопределени причини. Се надевам и дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат начин да го решат прашањето околу името и тоа треба да го направат што е можно посокоро", истакна Борисов порачувајќи дека земјите имаат историска можност да го направат тоа.
Бугарскиот премиер додаде дека Балканот треба да биде место кое ќе биде економски, енергетски, инфраструктурно и трговски развиено, како и дека ќе има просперитет, но дека тоа зависи од личната одговорност на политичките елити.
Набројувајќи бројни примери кои ги надминале своите разлики и несогласувања со цел обезбедување подобри перспективи, и Борисов го наведе примерот на Северна и Јужна Кореја кои свртеа една посветла страна во своите односи.
Со заедничката конференција за медиумите денеска заврши состанокот на учесниците на Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин годинава беше претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.
Земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, застапени од страна на претседателите на овие земји.
Брдо потекнува од Брдо кај Крањ, во Словенија, каде што во 2013 година се одржа првиот состанок на регионалните лидери, и Бриони во чест на ко-организаторот и партнер на формирањето на оваа иницијатива, Хрватска.