Admir Fazlagic
23 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
СКОПЈЕ (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, при што е соопштено дека дел од персоналот на Амбасадата на Србија утре ќе пристигне назад во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Штотуку заврши разговорот меѓу министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и првиот заменик премиер и министер за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ. Во отворен разговор во врска со неодамнешните случувања, министерот Дачиќ информираше дека персоналот на Амбасадата ќе пристигне назад во Скопје во текот на утрешниот ден", се вели во соопштението на македонското МНР.
Се додава дека согласно договореното меѓу премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а со цел зацврстување на традиционално пријателските односи, министрите за надворешни работи се договориле да се сретнат веќе овој петок во Ниш, Република Србија.
Потсетуваме, тензиите меѓу Македонија и Србија почнаа во неделата, кога Србија го повлече персоналот од својата амбасада во Скопје на итни консултации во Белград, поради, како што јавија официјалните лица, зајакнати разузнавачки активности.