СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, денеска со церемонија го донираше станот за скопјанецот Ертан Шаќири, лице со инвалидитет. Средствата за станот беа собрани во рамките на кампањата што ја започна амбасадорката Кара во 2017 година, а за станот донираа хумани лица, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата за примопредавање на станот одржана во Амбасадата на Република Турција, присуствуваа амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, извршниот директор на „Халкбанк“ АД Скопје, семејството на Шаќири, вработените во Амбасадата и хумани лица.
Амбасадорката Кара во своето обраќање истакна дека е реализиран еден сон и затоа се заблагодари на хуманите лица од Турција, Европа и Северна Македонија, кои донираа за станот.
Кара потсети дека Шаќири во 2011 година се сретнал со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, при неговата посета на Северна Македонија. А таа со Шаќири се запознала на протестите пред Амбасадата во Скопје, одржани по повод обидот за државен удар во Турција, на 15 јули во 2016 година.
Кара потоа ја посетила куќата на Шаќири и забележала дека куќата е стара и дека не е погодна за живеење на лице со инвалидност.

„Тогаш си реков, додека сум тука да направиме некоја добра работа. Да започнеме со една кампања. Се разбира тука веднаш го викнавме Ертан и кампањата ја објавивме на прес-конференција. Прес-конференцијата ја одржавме во декември 2017 година“, истакна Кара.
Таа истакна дека веднаш почнале со потрага за да најдат стан за Ертан.
„Сакавме луѓето тие лоши услови за живеење да ги остават зад себе, и да започнат нов живот со нови соништа“, рече Кара.
Кара наведе дека нашле стан во приземјето на една зграда каде што изградбата сè уште не била довршена. Сопственикот на станот рекол дека во име на кампањата станот го продава по пониска цена.
Амбасадорката, исто така, истакна дека мебелот во станот е обезбеден од страна на пратеници од Бурса, Општина Бурса и од хуманите луѓе.
- „Мојата цел е да бидат спасени сите деца во светот“
„Во светот има храна која ќе биде доволна за сите. Само треба дистрибуцијата да биде реализирана чувствително. Оттука уште еднаш упатувам повик до нашите бизнисмени, богатите граѓани. Денес Ертан ќе биде спасен, утре друго дете, но мојата цел е да се спасат сите деца во светот“, нагласи амбасадорката Кара.
Повикувајќи да се помогне на лицата што имаат потреба, за да се насмевнат нивните лица, Кара рече:
„Има некои луѓе што се во многу тешка состојба. Од тоа ме здоболува срцето. Ве повикувам, дојдете сите заедно да помогнеме. Може да е и од Турција, и надвор од Турција. Затоа што ние го знаеме. Има големо чувствително срце. Ги отворивме вратите за граѓаните на Сирија, за браќата од Авганистан. Ако ние сакаме нема нешто што не може да го направиме. Нашиот Божји пратеник има еден хадис, кој вели: 'Тој што спие сит додека соседот му е гладен, не е од нас'. Треба да делуваме со тој слоган. Кој и да е. Денес е Ертан, утре може да биде некој друг. Без разлика од која нација, од која раса е. Да си подадеме раце и да преземеме чекори за да го разубавиме светот", рече Кара.
Турската амабасадорка во Скопје раскажа приказна за една девојка со инвалидитет која заминала од Скопје за Бурса и рече дека тогаш како пратеничка започнала кампања за да ѝ се помогне на девојката. Со таа кампања успеала да обезбеди стан за девојката, која живеела во лоши услови.
- „Република Турција е моќна држава“
Скопјанецот Шаќири истакна дека ја упатува својата молитва за хуманите лица кои не го оставија сам и придонесоа во купувањето на станот.
„Добро што постои Турција. Турција е моќна земја“, рече Шаќири.
Шаќири рече дека неодамна информирале и Здружение за лиза со посебни потреби.
„Неодамна регистриравме Здружение за лица со посебни потреби. Таа (амбасадорката Кара) ги исполни двете ветувања. Немавме ниту еден клуч, сега имаме два. Фала му на Алах. Алах е голем. Добро е што имаме вакви луѓе. Добро што постоите амбасадорке“, истакна Шаќири.
Тој рече дека три пати се сретнал со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, при што упати поздрави до него.
Мејрем Шаќири, мајката на Ертан, раскажа дека не можеле да обезбедат услови за нејзиниот син.
„Куќата ни беше многу мала. Затоа многу беше тешко за Ертан. Нашата амбасадорка многу му помогна на Ертан. Господ нека ја благослови", рече Мерјем која упати благодарност до Турција и турскиот народ.
За време на церемонијата, Шаќири клучевите од новиот стан ги доби од рацете на амбасадорката. По церемонијата, беше посетен новиот стан на Шаќири.