Furkan Abdula
10 Октомври 2020•Ажурирај: 12 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) го опреми новиот училиштен објект во основното училиште во дојранското село Ѓопчели, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на ТИКА, опремувањето на новиот училиштен објект во село Ѓопчели, во кое живеат Јуруци, е извршено од страна на ТИКА, додека новиот училиштен објект со две училници, една канцеларија за наставници и места за заедничка употреба е изграден од Општина Дојран на местото на старата училишна зграда, која била изградена во 1976 година.
Се истакнува дека опремувањето од страна на ТИКА е извршено со цел да се овозможи образование во поздрави и одржливи услови во текот на пандемијата на Ковид-19.
На церемонијата за отворањето на новиот училиштен објект учествуваа министерката за образование и наука на Северна Македонија, Мила Царовска, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, како и други претставници, жителите на село Ѓопчели и учениците.
Министерката Царовска имаше свое обраќање по овој повод, при што рече дека следењето и одржувањето на наставата во здрава и мирна средина од страна на учениците и наставниците, како во градовите така и во руралните подрачја, поминува низ развивање квалитетни генерации и пионери во општеството.
Градоначалникот на Општина Дојран упати благодарност до ТИКА поради дадената поддршка за образованието во Дојран, и рече: „Благодарение на заедничките напори на Северна Македонија и Турција, добиваме нов училиштен објект каде што на децата од село Ѓопчели ќе им се нуди образование во помодерни услови. Со нашите ученици кои во своите раце носат турско и македонско знаме, покажуваме дека е возможен соживот во нашата земја.“
Координаторот на ТИКА, Согут, рече дека во земјата изградиле и опремиле околу 40 училишта со цел да се создадат помодерни и здрави услови за образование. Според него, нивната работа во оваа насока ќе продолжи и во наредниот период.