Medin Haliloviç
10 Октомври 2020•Ажурирај: 12 Октомври 2020
НОВИ ПАЗАР
На привремениот полигон „Пештер“, Војската на Србија ја изведе Здружената тактичка вежба со боево гаѓање „Содејство 2020“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во двочасовниот приказ учествуваа околу 2.800 припадници на Војската на Србија и Министерството за одбрана, повеќе од 150 борбени и неборбени возила и системи и околу 40 воздухоплови. Меѓу нив имаше голем број модернизирани средства и средства од развојот на одбранбената индустрија, кои овој пат заедно дејствуваа во една ваква вежба.
Прикажан е и дел од способностите на единиците на Војската на Србија, Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана со борбена група од составот на Копнената војска и 72. Бригада за специјални операции и 63. Падобранска бригада.
Како што е соопштено, во согласност со бројот на ангажираните единици, станува збор за една од поголемите вежби имајќи го предвид ангажирањето на новите средства со кои во претходниот период е опремена Војската на Србија.
Во текот на употребата на воените авиони користени се ракетите воздух-земја, по прв пат по неколку децении.
- Вучиќ: „Ништо не е вперено против Бошњаците, ниту против кого било“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по показната вежба оцени дека Војската на Србија е добра, обучена и спремна да ја сочува Србија.
„Среќен сум и горд на нашата војска и на нашите војници“, рече Вучиќ.
Тој порача дека Војската на Србија е војска на сите граѓани без оглед на националната и верската припадност и дека денешната воена вежба не е вперена против никого.
„Војската на Србија еднакво им припаѓа и на Србите и на Бошњаците, Унгарците, Романците, Словаците, Русите, Хрватите и сите други. Ова е нивна војска која им помагаше во време на Ковид-19. Ова е војска што ќе ги чува нивните куќи и никогаш нема да ги загрози“, рече Вучиќ.
На Бошњаците од овие простори им порача дека „ова е нивна војска“.
„Ништо не е вперено против Бошњаците. Ова е бошњачко колку што е и наше, и унгарско и на секој жител на оваа земја“, порача Вучиќ, истакнувајќи дека државата Србија во наредниот период во овој регион ќе продолжи со изградбата на патишта, но и со субвенции за развој на сточарството и земјоделството на Пештерската Висорамнина.
На показната воена вежба присуствуваа премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и членовите на Владата, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, функционери од босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, претставници од Исламската заедница на Србија и од Српската православна црква, претставници на локалните самоуправи, јавни личности и воени атешеи на амбасадите во Белград.