Husamedin Gina
11 Октомври 2020•Ажурирај: 12 Октомври 2020
КУМАНОВО
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денес пред Спомен-костурницата во Куманово се обрати по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Потсетувајќи дека на денешен ден сограѓаните во Куманово и Прилеп презедоа акција со што го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда, премиерот Заев рече дека во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.
„Патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда. Но и со постојан стремеж за слобода, правда и еднаквост за сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот“, нагласи премиерот Заев.
Заев додаде дека членството во НАТО ги зацементирало основите за зголемена стабилност и просперитет и ни овозможи да учествуваме во широк спектар безбедносни мисии за колективна одбрана.
„Како дел од моќното НАТО-семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност“, рече премиерот Заев.
„Со членството во НАТО“, како што рече Заев, „Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.“
Премиерот Заев на денешното обраќање, осврнувајќи се на кризата со Ковид-19 повика здружено да ја победиме пандемијата на коронавирусот, затоа што, како што рече, сега во есен, состојбата ќе се „вжештува“ и дека тоа мора да ни биде првата мисла при будење, додека не ја добиеме битката со овој невидлив непријател.
На Спомен костурницата покрај премиерот Зоран Заев, цвеќе положија и делегации на Собранието, на Сојузот на борците од НОБ, на Армијата, на делегации на градовите Куманово и Прилеп, од дипломатскиот кор и од парламентарните политички партии.