Zülfiya Yakup
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека нема да има поделба на Косово, но дека во рамките на корекцијата на границата со Србија, со согласност на двете страни, можно е припојување на Прешевската Долина кон Косово, јавува Anadolu Agecny (AA).
За време на посетата на Стопанската комора на Косово, одговарајќи на новинарски прашања, Тачи не ја исклучи можноста за размена на територии помеѓу Косово и Србија. Тој наведе дека е реалност Косово со Србија да има околу 400 километри долга граница која треба да се утврди, бидејќи без тоа не може да биде завршена консолидацијата на државата Косово.
„Затоа ќе се разговара за демаркација, за корекција на границата, но повторувам, во никакви околности, ниту под која било цена и ниту кога било, може да биде наметната реализација на српските аспирации за поделба на Косово. Додека во рамките на корекцијата, верувам, доколку има спогодба, многу е изводливо и прифатливо институционалното барање на лидерите на Прешевската Долина за припојување кон Косово. Доколку има согласност и од двете страни, никој не би можел и никој нема да излезе против доброволната спогодба на страните во дијалогот - Косово и Србија, ниту ЕУ, ниту НАТО, ниту САД“, рече Тачи.
Косовскиот претседател истакна дека уште не е прецизирано кога ќе биде наредниот состанок на делегациите на Косово и Србија, но нагласи дека од почетокот на септември веќе очекува динамика на дијалогот, со кој раководи Европската Унија со поддршка на САД.
Тачи рече дека и со претставниците на Стопанската комора на Косово разговарал за дијалогот со Србија, на кои им пренел дека во случај на евентуално постигнување на конечен договор помеѓу двете држави за нормализација на односите и признавање од двете страни, ќе биде создадена нова клима и ќе биде испратена порака дека Косово е европска земја, која има сигурен пат кон интеграција во ЕУ и во НАТО, што подразбира моментално признавање од пет земји на ЕУ, кои сè уште тоа не го направиле.
„И особено сега кога се говори дека во наредните месеци ќе биде завршен процесот на либерализација на визите, нашата млада држава ќе биде држава на големи можности и заедно со сите категории во општеството работиме на тоа, доколку заврши овој процес, да ги согледаме најдобрите можности да ги донесеме инвеститорите во Косово, бидејќи сите инвестираат само во земјите во кои има мир, стабилност, ефикасни институции, транспарентност во работењето и закони“, рече Тачи.
Новиот претседател на Стопанската комора на Косово, Берат Рукиќи, изјави дека бизнис-заедницата е благодарна на косовските институции и на претседателот на земјата за улогата во процесот на либерализација на визите, кој силно ќе помогне во интеграцијата на косовската економија на меѓународно поле, особено на пазарот на ЕУ. Рукиќи оцени и дека завршувањето на дијалогот со Србија ќе го зголеми предусловот за долгорочна стабилност на земјата, што е важно за партнерството со странските инвеститори.