Bekim Laci
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Втори август или Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Република Македонија и нејзините граѓани што се бореле и го положиле најдрагоценото, својата младост, своите животи, за да ја создадат нашата заедничка држава, Република Македонија“, истакна претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, јавува Anadolu Agency (AA).
Џафери нагласи дека без разлика дали станува збор за Илинден 1903-та, или пак, за Илинден 1944-та, кога се поставени темелите на државотворноста, сите тие генерации имале една единствена цел, слободна, независна држава во која ќе се почитуваат човековите права и слободи, а конечно сонот за независна држава беше реализиран во 1991 година, со референдумот за независност.
Според Џафери, оттогаш полноправното членство во ЕУ и НАТО се детерминирани како стратешки цели од суштинска важност за напредокот на државата.
Потсетувајќи се на минатото, Џафери се осврна и на политичката актуелност, бидејќи, како што рече, Македонија се наоѓа пред една голема одлука, можеби и одлучувачка, а тоа е референдумот на 30 септември.
„Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак, ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не нè води никаде, е наш избор“, порача Џафери.
Џафери нагласи дека актуелната власт покажа дека е подготвена да ја преземе одговорноста за иднината на државата, а истото го побара и од опозицијата.
„Оттука, ја повикуваме и опозицијата да преземе дел од одговорноста која што ѝ припаѓа, за иднината на државата и граѓаните. Затоа, денеска кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Република Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата, да бидат вистински одговорни, и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на Договорот со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО“, истакна Џафери.
Претходно, државна делегација положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“, и пред Споменикот на АСНОМ и Никола Карев кои се наоѓаат пред Собранието.