Admir Fazlagic
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, по повод државниот празник Илинден, во своето обраќање на свеченоста во Крушево порача дека македонските граѓани се сплотени околу идејата за членството на земјата во Европската Унија и во НАТО, но со своето име, достоинство и чест, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Но, таму сакаме со нашето име, со нашиот идентитет, со нашето достоинство и нашата чест. Затоа, ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на македонскиот народ“, порача Иванов.
Во својот говор, претседателот Иванов се осврна на Договорот за решавање на спорот за името со Грција, кој го постигнаа владите на Македонија и Грција во месец јуни оваа година.
„Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Ако со Тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со Грчкиот договор се редефинира самата наша држава“, рече Иванов и додаде:
„Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет.“
„Со овој договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27-годишната историја на независната македонска држава“, истакна Иванов.
Исто така, претседателот Иванов порача дека „не го прифаќа Грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија“.
Меѓу другото, Иванов им се обрати и на сите граѓани кои живеат во Република Македонија, без разлика на нивната етничка и верска припадност.
„Еден од столбовите на македонската република е и македонскиот јазик. Република Македонија на секоја заедница и’ овозможува да го користи својот јазик во сите сфери и на сите нивоа во согласност со Уставот. Република Македонија е заедничка татковина на сите нејзини граѓани. Ние се гордееме што имаме 68 години од постоењето на Албанскиот и Турскиот театар во Република Македонија. Имаме богата издавачка дејност и на албански, турски, српски, влашки, ромски, бошњачки јазик... Дали друга балканска држава може да се пофали со таква традиција на меѓусебно почитување на која можат да ни позавидат и многу европски држави?“, истакна Иванов.