Zülfiya Yakup
19 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, потврди дека добил покана од високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, за продолжување на дијалогот со Србија, и дека косовската делегација го потврдила своето учество, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи рече дека делегациите на Косово и Србија ќе се состанат во наредните денови, додека состанокот на ниво на претседатели ќе се одржи в недела.
„Добив повик како претседател на државата од госпоѓата Могерини, повик за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, со цел да се разгледа можноста за имплементација на сите договори постигнати досега, како и да се отвори ново поглавје за нов процес на дијалогот, за постигнување конечен договор помеѓу Косово и Србија“, им рече Тачи на новинарите, по Граѓанскиот марш, по повод покренувањето на кампањата „Стани мој глас“, која има за цел поддршка на преживеаните од сексуалното насилство во текот на војната на Косово.
Тачи истакна дека наредните денови ќе бидат спроведени контакти со меѓународните партнери на Косово, со цел да се оствари што подобра координација, како и со косовскиот политички спектар, со челниците на институциите и граѓанското општество, со цел да се изгради што е можно поширок консензус.