Admir Fazlagic
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред гласањето на членовите на Комисијата за европски прашања, свое обраќање имаше министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој го образложи постигнатиот договор со Грција.
Шефот на македонската дипломатија рече дека овие денови се историски за Македонија, а текстот на договорот, како што рече, е одговорност и патриотизам. Според него, скратената постапка на Предлог законот за ратификација на Договорот за името е поради тоа што во вторник се одржува Советот за општи работи во Луксембург.

Димитров рече дека постигнатиот договор со Грција е резултат на компромис.
„Со овој компромис и ние и нашите грчки пријатели настојувавме низ сите овие месеци да го зачуваме тоа што ни е најбитно. Ние, од наша страна се обидувавме и успавме да го зачуваме идентитетот и сите атрибути на македонскиот народ, а Грција се обидуваше да добие дистинкција, и успеа, меѓу Македонија државата и Македонија регионот во Грција", истакна Димитров и додаде дека сите се патриоти, и оние што се согласуваат со договорот и оние против него.
„За една митологија, си ја жртвувавме реалноста. Ова што денес го правиме, ја жртвуваме таа митологија, за да си ја добиеме реалноста", порача Димитров и додаде дека им е благодарен на сите граѓани во Македонија од различни етнички заедници поради заедништвото покажано за овој процес.
Во име на Комисијата за европски прашања се обрати Артан Груби, пратеник од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кој рече дека она што го прават денеска е поради подобра иднина за наредните генерации.
„Да се владее значи да се направи избор. И потоа да се одлучува по тој избор. Ако не можеш да направиш избор, значи не умееш да владееш и на крај ќе донесеш погрешен избор. Ние го направивме нашиот избор, заедничка, суверена, цела, евроатлантска Република Македонија“, рече Груби.
Пратениците од опозицијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на денешната расправа и воопшто во работата на Собранието. Според нив, постигнатиот Договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство е капитулација на Македонија, неуставен и незаконски. Исто така, останува неизвесно и нивното учество на утрешната собраниска седница.
На пленарна седница, која според најавите треба да се оджи утре, Собранието ќе го ратификува договорот, по што Грција ќе биде известена и ќе треба да го информира Советот на Европската унија.
- Протести пред Собрание поради Договорот со Грција
Во текот на денешната 51. седница на Собранието на Република Македонија, пред зградата на Собранието се одржаа протести, на кои граѓаните го изразија своето незадоволство поради постигнатиот Договор за решавање на спорот со името.

Потсетуваме, Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во недела, во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро.
На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската организација, Розмари ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.