Admir Fazlagic
01 Август 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Метју Палмер, вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На средбата беше разговарано за актуелните политички состојби во Република Македонија и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД“, информираа преку писмено соопштение од Кабинетот на претседателот Иванов.
Како што се наведува, македонскиот претседател изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешнополитичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.
Претседателот Иванов посочил дека Република Македонија, уште во 2008 година ги исполнила условите за членство во НАТО, и дека по сиве овие години, меѓу другото, и поради активниот придонес во мисиите на НАТО заедно со земјите членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови.
„Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, законите и се рушат државните институции и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси“, се вели во соопштението.
На средбата претседателот Иванов потенцирал дека одржувањето на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот е од клучно значење за целиот европски континент.
Во рамките на посетата на Македонија, најавено е Метју Палмер, вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија, во текот на денот да се состане со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.