Zülfiya Yakup
11 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Никој подобро од косовскиот народ не ја разбира димензијата на слободата изјави претседателот на Албанија, Бујар Нишани кој престојува во официјална посета на Косово, на покана на косовскиот претседател Хашим Тачи, јавува Anadolu Agency (AA).
На албанскиот претседател во заминување, приреден му е државен дочек, со почесната гарда на Безбедносните сили на Косово, на плоштадот “Ибрахим Ругова” пред Собранието на Косово. По заедничкиот состанок на делегациите на двете земји, косовскиот претседател го одликуваше со Орден на слободата, претседтаелот на Албанија, Бујар Нишани, за заслугите кон албанскиот народ и за неговото ангажирање за признавањето на Косово и зачленување на Косово во разни меѓународни организации.

Нишани на заедничката прес-конференција со домаќинот истакна дека Косово и Албанија се соочуваат со голем број на предизвици кои треба да се надминат на патот кон европските интеграции.
„Тоа е процес кој има свој пат и свои предизвици, има без сомнеж и свои станици, има и соочување со тие предизвици и додека тоа е процес кој начелно започна пред 100 години во филозофијата, ќе продолжи долго, без влијание на политичките процеси кои се случуваат во нормален контекст на она што го реков при спроведување на демократијата”, изјави Нишани.
Според него, и покрај внатрешните политички случувања во Албанија, мора да се има компромис во врска со значајните прашања како што се европските интеграции.
„Таквите ситуации кои моментално ги имаме во Албанија не му помагаат на процесот, но уверен сум дека процесот нема да биде запрен, бидејќи овој процес е одредба на големо мнозинство на албанското население, а не избор на политичарите. Секако, сите тешкотии ќе се надминат и ние ќе одиме понатаму во процесот на интеграции”, изјави Нишани.
Косовскиот претседател Тачи изјави дека за европската интеграција и на Косово и на Албанија важна е политичката и институционална консолидација. Тачи оцени дека Косово се уште нема визна либерализација поради неспособноста на институциите. Зборувајќи за актуелната политичка ситуација Тачи изјави дека Собранието на Косово вчера донело демократска одлука по своја волја и дека внатрешната дебата е здрава.
„Доколку имаме различни идеи само треба да аплаудираме и да го поддржуваме негувањето на тие политички идеи, различните партии, различните лидери, кои имаат за цел европска Албанија, европско Косово, европска Македонија”, изјави косовскиот претседател.
Во врска со темата „голема Албанија”, Тачи порача дека тоа е неправедна пропаганда на Белград, кој сака да ја оправда својата дестабилизирачка улога во Западен Балкан.
„Голема Албанија се спомнува во Белград, не во Тирана и Приштина. Ја спомнуваат прво за да ги обвинат Албанците, а второ да го оправдаат своето дестабилизирачко делување, било во Хрватска, Република Српска, Босна и Херцеговина, во северниот дел на Косово и Црна Гора”, изјави Тачи.