Admir Fazlagic
12 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
СКОПЈЕ
Од утре во Република Северна Македонија по речиси двомесечно прекинување со работа поради коронавирусот (Ковид-19) продолжуваат да работат затворени трговски центри - молови, без угостителските објекти во нив, центрите за едукација, авто школите и спотските и другите обложувалници преку шалтер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Владата Оливер Спасовски на онлајн прес-конференција ги соопшти одлуките на Владата за првата фаза од попуштањето на рестриктивните мерки за спречување на КОВИД-19.
„На денешната седница на Владата го донесовме првиот пакет мерки со што ги намалуваме рестрикциите и преземаме нов чекор кон новата нормалност во одделни области, кои во оваа фаза на пандемијата со КОВИД-19 во нашата земја, го дозволуваат тоа. Сметаме дека ситуацијата е под контрола. Не дозволивме ширење на коронавирусот кое посериозно би го загрозило јавното и здравјето на граѓаните, а здравствениот систем со полна кондиција постигнува ефикасност во борбата со фаталните последици од вирусот", истакна Спасовски.
Како што рече тој, оваа ситуација е резултат на сеопфатни и системски мерки, носени исклучиво врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и врз основа на нивните научни анализи и студиите на Светската здравствена организација.
„Од Комисијата имаме јасни укажувања дека влегуваме во период кога се очекува дополнително опаѓање на интензитетот на ширењето на вирусот, што ја отвора можноста за попуштање на рестриктивните мерки и ограничувања, под крајно прецизни услови и критериуми", рече Спасовски.
Како што појасни тој, имајќи го сето ова предвид, Владата на денешната седница го донесе Планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази, согласно развојот на епидемиолошката состојба.
„Во првата недела од олабавувањето на мерките, односно од утре, ќе започнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа за дејности кои имаат помал ризик, и тоа: Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции, авто школи, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, спортски и други обложувалници преку шалтер, затворени трговски центри-молови, без угостителските објекти во нив", информираше Спасовски.
Тој додаде дека за да се постигне максимална ефикасност, и максимална заштита, ќе се применуваат посебно пропишани протоколи за работа на секоја од овие дејности.
Според соопштеното, протокол за отворање и работа на моловите предвидува ограничено/скратено работното време (10:00-18:00), со исклучок во недела кога моловите ќе бидат затворени и нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафичите, освен преку систем за нарачка, шалтер или достава.
Инаку, во Република Северна Македонија на предлог на Владата, претседателот на државата Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба, поради ширењето на коронавирусот. Вонредната состојба се уште е во сила.
Според најновите податоци на Министерството за здравство во Северна Македонија, досега се регистрирани 1.674 случаи на Ковид-19, бројката на смртните случаи е 92, додека 1.205 лица се оздравени од овој вирус. Во земјата сè уште има 377 активни случаи на Ковид-19.