05 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ПОДГОРИЦА (АА) - Пратениците во црногорскиот Парламент синоќа изгласаа недоверба на Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во гласањето учествуваа 54 пратеници. За недоверба на Владата гласаа 43 пратеници на опозицијата и коалицијата Црно на бело, а против беа 11 пратеници.
Пред гласањето, пленарната сала ја напуштија пратениците на Демократскиот фронт (ДФ), Движењето за промени (ПзП) и Социјалистичката народна партија (СНП).
Ова е првпат на Владата во Црна Гора да ѝ биде изгласана недоверба во Парламентот.
Пратеникот на Граѓанското движење УРА, Милош Конатар, на почетокот на расправата во име на предлагачот наведе дека Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ ја достигнала границата и дека политичката криза во која се наоѓа Црна Гора бара тешки одлуки.
„Оваа одлука е тешка и подготвени сме за неа да преземеме одговорност“, рече Конатар.
Тој при завршниот збор ги повика граѓаните на смиреност, бидејќи, како што наведе, во Црна Гора не се случува никаква апокалипса.
„Не се случува ништо што не се случува и во нормалните европски земји. Ние гласавме, се боревме за промената на која било влада да биде нормална работа“, додаде Конатар.
Како што истакна, секоја следна влада треба да учи од грешките на оваа влада и сето она што добро работела да го продолжи и да го унапреди.
„Речиси сите пратеници во дискусиите констатираа дека 42-та Влада го достигна лимитот и удри во ѕид и дека ни е потребно ново решение“, рече Конатар.
Тој рече и дека ГП УРА токму поради европската иднина на Црна Гора излегла со предлог за формирање нова европска влада.
„Сакаме да ја смириме Црна Гора. Не смееме да се согласиме на поделби. Сакам да верувам дека секој може да се менува кон подобро. Сакам да гледаме во иднината, а не да останеме во минатото“, наведе Конатар.