Балкан

Собранието на Косово усвои Резолуција со која се забрануваат сите видови игри на среќа

Вонредната седница е одржана на барање на 49 опозициски пратеници, кои дискусијата за функционирањето на игрите на среќа ја побараа откако во краток период на Косово се убиени двајца млади момци на нивните работни места во косовските казина.

Zülfiya Yakup  | 22.03.2019 - Обновена : 25.03.2019
Собранието на Косово усвои Резолуција со која се забрануваат сите видови игри на среќа

ПРИШТИНА (АА) - Денес на вонредна седница, Собранието на Косово усвои резолуција со која од Владата на Косово се бара укинување на сите видови игри на среќа во наредните 10 години, јавува Anadolu Agency (AA).

Вонредната седница е одржана на барање на 49 опозициски пратеници, кои дискусијата за функционирањето на игрите на среќа ја побараа откако во краток период на Косово се убиени двајца млади момци на нивните работни места во косовските казина. За резолуцијата, чиј текст е усогласен со сите парламентарни групи, гласаа сите 74 присутни пратеници, а немаше против ниту воздржани.

Авдулах Хоти, шеф на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово, го прочита текстот на Резолуцијата, која е срочена во две точки, прво Владата на Косово да започне законски процедури за укинување на сите игри на среќа до измена и дополнување на соодветниот закон, и под два, Владата во рок од 30 дена да достави до Собранието нов закон кој ги укинува сите видови игри на среќа во период од 10 години.

Хоти претходно во уводното излагање рече дека е јасно оти игрите на среќа му штетат на амбиентот, на тие простори владее насилство, криминал и се уништуваат семејствата. Тој истакна дека од тие игри никој не се обогатил, освен сопствениците на тие бизниси, и наведе дека државата Косово е одговорна да ги заштити своите граѓани. Истакна дека на Косово функционираат 1.645 лиценцирани апарати за игри на среќа и 294 лиценцирани кладилници, но речиси двојно повеќе има нелиценцирани локали со игри на среќа, ако се земе предвид бројот на изречени казни од надлежните органи.

„Владата на Косово на 11 декември 2018 година одобри концепт-документ за игри на среќа, кој предвидува промовирање на овој сектор како можност за економски развој, приод и вработување, како и зголемување на државниот буџет. Меѓутоа, она што е познато за овој бизнис е дека цели семејства на Косово изгубиле сè поради зависноста од коцкање. Наместо да се контролира и казнува, казината се отвораат во сите населби. Пријавени се и самоубиства како резултат на загубата на богатствата во игрите на среќа. Тоа е затоа што во косовските казина се игра со судбината на луѓето“, рече Хоти.

Мемли Красниќи, шеф на пратеничката група од владејачката Демократска партија на Косово, ја поддржа предложената Резолуција.

„Земајќи ги предвид трагичните настани во последните денови и јавните расправи по ова прашање во текот на секој месец, бидејќи предлагачот веќе ја прочита нацрт-резолуцијата, парламентарната група на Демократската партија на Косово ја изразува својата поддршка на овој текст, во надеж дека оваа Резолуција ќе биде спроведена веднаш, како што тоа се бара“, рече Красниќи.

Глаук Конјуфца, шефот на пратеничката група на опозициското Движење „Самоопределување“, ја критикуваше власта што досега не ја истражила корупцијата поврзана со издавањето лиценци за активностите на казината и игрите на среќа.

„Како е можно Косово да има стотици казина кои успеале да добијат да работат покрај училишта, во близина на верски објекти, што е во спротивност со законот. Јасно е дека во позадина на ова постои корупција која само треба да се истражи. Меѓутоа, овде нема желба за борба против таа корупција“, рече Конјуфца.

Опозициската Социјалдемократска партија наведе дека фактот што убиствата се случиле во казината, не значи дека тие места се опасни по безбедноста на граѓаните, бидејќи по таа логика треба да се затворат и банките и рестораните. Пратениците на Социјалдемократската партија ја поддржаа предложената резолуција, но наведоа дека опасноста од казината и игрите на среќа е поради зависноста од нив и најдобра против таквите појави е добра социјална политика во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.