Abdulbesar Ademi
03 Декември 2021•Ажурирај: 04 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - На Меѓународниот аеродром „Скопје“ пристигнаа посмртните останки на 45-те жртви кои загинаа во трагичната автобуска несреќа што се случи на 23 ноември во близина на бугарскиот град Перник, јавува Агенција Анадолија (AA).
Посмртните останки пристигнаа на аеродромот со два бугарски воени транспортни авиони и беа дочекани со државен пречек, a веднаш потоа се испратени до нивните семејства. Од изутрина на Плоштадот „Скендербег“ се положуваат венци во чест на жртвите.

На државниот пречек на аеродромот во Скопје присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, заедно со премиерот Зоран Заев, собранискиот спикер Талат Џафери, владини министри, претставници на православната и муслиманската заедница, како и дипломатски претставници на Северна Македонија.
На 45-те жртви, со своето присуство им оддадоа почит и лидери од регионот меѓу кои и претседателката на Косово, Вјоса Османи, придружувана од косовски министри и официјални претставници, како и претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола, која, исто така беше придружувана од многу министри и официјални претставници од нејзината земја.

Претходно, Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека поворката со посмртни останки ќе се движи по одредена рута до и низ главниот град и дека на Плоштадот „Скендербег“ ќе биде поставен видеоекран од каде што граѓаните ќе имаат можност да го следат настанот, но ова беше откажано со образложение дека членовите на семејствата побарале жртвите да бидат предадени пред петочната молитва.
Трагичната несреќа во која животот го загубија 45 лица, а седуммина беа повредени, се случи на Автопатот „Струма“ кај бугарскиот град Перник, откако пожар го зафати целото возило и за неколку минути изгоре.
Посмртните останки беа идентификувани во средата врз основа на ДНК-анализа, додека истрагата за причината за несреќата на автобусот, кој се враќаше од Истанбул за Скопје, сè уште трае, а ја водат бугарските власти, кои назначија и меѓународен ревизор да спроведе непристрасна истрага за состојбата на автопатот пред несреќата.
Бугарските власти, врз основа на првото вештачење констатираа дека патот бил неисправен и дека причина за смртта на 45 лица е пожарот во автобусот. Исто така, беше утврдено и задоцнување од шест месеци за поставувањето на сообраќајната сигнализација на Автопатот „Струма“, додека од бугарска страна соопштија дека освен човечкиот фактор како причина за несреќата, Обвинителството ги истражува и причините за сомнителни запаливи материи во автобусот што можеле да доведат до предизвикување пожар во автобусот.