Besar Ademi
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во текот на денешниот ден и во наредните два дена во Скопје ќе се одржи годишниот состанок за набљудување судските постапки во организација на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите на овој годишен состанок истакнаа дека следењето на судските постапки е една од најважните активности на ОБСЕ во регионот, бидејќи според нив, судските постапки обезбедуваат владеење на правото во земјата.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен, истакна дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје е многу активна во оваа област, и според неа, преку активностите на ОБСЕ се олеснува поддршката на транспарентноста и применувањето на законот и праведното судење во кривичните постапки од страна на државните институции.
„Во текот на изминатата година, Мисијата на ОБСЕ набљудуваше околу 100 судски постапки од високо ниво, додека коалицијата „Сите за праведни судења”, која е наш партнер во оваа област, следеше повеќе од 450 судкси постапки”, рече Суомалаинен.
Таа додаде дека целта на активностите на ОБСЕ во оваа област е да се следи процесот од процедурален аспект, а не суштинска точка, по што, како што вели таа, се обезбедува набљудувањето на Законот за кривична постапка и почитување на принципот на праведното судење.
На овој годишен состанок на ОБСЕ, адвокати од седум мисии на ОБСЕ и претставници на 29 невладини организации на регионот на ОБСЕ ќе разменат искуства и ќе дискутираат за предизвиците поврзани со набљудувањето на судските предмети со висок профил, како и предмети во кои се вклучени целни групи, како што се малолетниците и етничките малцинства.