Балкан

Секоја трета жена во Македонија жртва на семејно насилство

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната расправа истакна дека досегашната заложба на Македонија беше во насока на справување со проблемот на семејното насилство

Ivana Ramadanova  | 16.07.2018 - Обновена : 17.07.2018
Секоја трета жена во Македонија жртва на семејно насилство Ivana Ramadanova/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Над 90 проценти од жртвите на насилство во Македонија се жени, а тоа би значело дека секоја трета жена е жртва на семејно насилство, покажува последната статистика од истражувањата направени од невладиниот сектор, а која беше презентирана во Собранието на јавната расправа на тема: „Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Република Македонија, 2018“, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната расправа пред присутните, истакна дека досегашната заложба на Македонија беше во насока на справување со проблемот на семејното насилство, и како резултат на притисокот од здруженијата што работат на прашањата на правата на женaта, но и на препораките од меѓународните тела за заштита на човековите права, беше воспоставена законска рамка за заштита на жртвите на семејното насилство.

„Сигурна сум дека сите заеднички, секој од нас ќе го даде максимумот за во наредните пет години да имаме сервиси во целиот регион, но исто така, голем предизвик останува законската измена која очекувам да ја направиме наредната година“, истакна Царовска.

Според Наташа Бошкова, правна советничка во коалицијата „Маргини“, Конвенцијата претставува еден од најмоќните меѓународни инструменти за заштита на жените од насилство и предвидува низа мерки кои треба да ги преземе државата, со цел да ја подобри заштитата од родовото насилство.

„Акцискиот план има три главни активности, и тоа, усогласување на постоечкото законодавство со Конвенцијата, односно измена на законите, што би значело усогласување со стандардите на оваа конвенција, превентивни активности и активности за заштита, кои министерствата и Владата треба да ги преземат во насока да можат да интервенираат во случај на насилство“, истакна Бошкова.

Националниот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство е стратешки документ на Владата на Република Македонија, што ги дефинира активностите, клучните институции, индикаторите и временската рамка за преточување на одредбите на Конвенцијата во националното законодавство за периодот 2018 - 2023.

Основната цел на постојниот План е да дизајнира, спроведе и координира сеопфатна национална политика за превенција и елиминирање на насилството врз жените.

Активностите во Планот планирано е да се реализираат во периодот 2018 - 2023 година, за чие време ќе се воспостави темелот за сеопфатен правен и институционален одговор на родово-базираното насилство во Македонија. Буџетот за реализирање на активностите од Планот ќе биде подготвен во согласност и координација со тековното буџетско планирање на одделните министерства.

За спроведување на дел од активностите од големо значење ќе биде и поддршката од донаторите, а сепак, основната обврска за спроведување на планираните активности е на државата. Надлежните институции за спроведување на активностите имаат обврска секоја година да подготвуваат оперативен план за спроведување на овој акциски план.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın