Husamedin Gina
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) – Туристичко-угостителскиот сектор поради исклучително тешката положба во која се наоѓа поради здравствената криза со коронавирусот, утре, точно напладне, излегува на протест пред Министерството за финансии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Туристичко-угостителската комора на прес-конференција најави дека утре ќе протестира за јавно да го покаже незадоволството од ситуацијата во која се наоѓа.
Перица Голомеиќ, член на Туристичко-угостителската комора, истакна дека утре излегуваат на протести пред Министерството за финансии, онаму каде што се управува со парите во државната каса.
„Со протестот сакаме јавно да го покажеме незадоволството од ситуацијата во која се наоѓаме, но и гласно и јасно да предупредиме дека уништувањето на овој сектор треба да се гледа низ призмата на загуба на сериозна бројка на работни места, како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства“, нагласи Голомеиќ.
Истакнувајќи дека навлегуваат во втора година во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, Голомеиќ рече дека сè поголем број претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор на егзистенција.
„Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона-кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето ‘преживување‘“, рече Голомеиќ.
За спас на угостителските дејности, како што наведе тој, се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување мораториум односно репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не им се дозволи да работат без рестрикции.
Од друга страна, туристичките агенции бараат да добијат еднократна неповратна финансиска помош, како и продолжување на рокот на туристичките ваучери што не се искористени.
Меѓу другото, бараат ваучерите од владината мерка „Дома си е дома“ да се користат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.