Admir Fazlagic
16 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија соопшти дека донел нова одлука за утврдување на постоење на нова вонредна состојба на територијата на целата држава, во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вечерва донесов нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава. Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Влада на Република Северна Македонија, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година", истакна претседателот Пендаровски во објава на неговиот официјален профил на социјалните медиуми.
Во објавата, претседателот Пендаровски наведува дека политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година.
„Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на корона вирусот прогласена од Светската здравствена организација. Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули", истакнува Пендаровски.
Како што се наведува во објавата на претседателот Пендаровски, по постигнатиот политички договор, потребно е институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.
„Деновите од вонредната состојба очекувам да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје", вели Пендаровски.
Лидерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, соопштија денеска дека 15 јули е договорениот датум за одржување на превремените парламентарни избори.
Поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април.
Потсетуваме, вонредната состојба во Република Северна Македонија на предлог на Владата, претседателот на државата Стево Пендаровски прогласи на 18 март поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19). Вонредната состојба беше продолжувана неколку пати, а заврши на 13 јуни.