Muhammed Bilal Kenasari
22 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Со зголемувањето на насилството на демонстрациите коишто следуваа откако полицијата го усмрти Афроамериканецот Кеит Ламонт Скот (43), во градот Шарлот, САД, е прогласена вонредна состојба, јавува Anadolu Agency (AA).
Пет МекКрори, гувернерот на Северна Каролина, на предлог на шефот на полицијата, Кер Путни, одлучи да прогласи вонредна состојба во градот Шарлот, каде што дојде до демонстрации откако полицијата усмрти 43-годишен Афроамериканец.
„Неприфатлив е секој напад на граѓаните, полицијата или на околината“, истакна МекКрори појаснувајќи ја одлуката за воведување вонредна состојба.
Путни изјави дека демонстрантите излегле од контрола.
„До овој момент многу трпеливо чекавме, но демонстрантите организираат насилни активности. На полицијата фрлаат шишиња и слични предмети. Дојде време повторно да се воведе ред“, смета Путни.
Во САД и понатаму се врши полициско насилство над Афроамериканците.
Семејството на убиениот Кеит Ламонт Скот тврди дека полицијата го убила, иако во рацете имал само книга. Путни, од друга страна тврди дека Скот во рацете имал огнено оружје и дека не го спуштил и покрај предупредувањата на полицијата.
По тој случај, стотина лица, членови на организацијата „Животите на црните луѓе вредат“ (Black Lives Matter), учествуваа на протестниот марш.