Admir Fazlagic
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Во Република Северна Македонија во последните 24 часа се потврдени 193 случаи на коронавирусот (Ковид-19), а регистрирани се и 9 смртни случаи од последиците на овој вирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што стои во соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија, според неговите податоци, вкупната бројка на регистрирани случаи со Ковид-19 во земјата се искачи на 4.482, бројката на починати се искачи на 210. Институтот за јавно здравје регистрира 46 оздравени пациенти од Ковид-19, со што вкупната бројка на оздравени пациенти од овој вирус во земјата се искачи на 1.803.
Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.469.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.391 тестирање на Ковид-19, а досега во земјата се направени вкупно 46.445 тестирања на овој вирус.
Потсетуваме, Владата на Република Северна Македонија на 9 јуни соопшти дека донесе заклучок да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја, наместо повторно воведување полициски час, што беше предложено од Комисијата за заразни болести.
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука од денеска да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, донесени против ширењето на Ковид-19, при што за влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување Изјава за задолжителна самоизолација, во траење од 14 дена.