Zylfije Adem Jakupi
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Абдула Хоти, изјави дека Косово во продолжение на дијалогот со Србија бара обострано признавање на двете земји и дека нема да прифати никакви други компромиси, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дебатата „Која е платформата на Владата на Косово во дијалог со Србија?“, одржана во организација на Косовскиот демократски институт (KDI), Хоти повтори дека целите на Косово во дијалогот со Србија се меѓусебно признавање, членство во ЕУ и ОН, признавање на Косово од страна на петте земји членки на ЕУ и укинување на Резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност на ОН.
Хоти изјави дека дијалогот ќе го води тој како премиер, како што тоа го налагаат и Уставот и одлуката на Уставниот суд на Косово од минатата година. Тој изјави дека во процесот на дијалогот на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, кој започна во 2011 година, се постигнати низа договори, од кои имаше и договори кои придонеле за подобар живот на граѓаните.
Тој наведе дека од меѓународните партнери добил информација дека досега зад сцена ништо не било договорено, и дека затоа за него не се меродавни никакви приказни за картите и поделба на територијата.
„Ние се движиме кон моментот кога меѓународните партнери ќе го кажат своето мислење, како што тоа се случи во 2007 година со американскиот претседател кој рече „доста е, Косово мора да биде независно“. Доколку ние се однесуваме конструктивно како Влада и како држава, обединети во својот став, верувам дека одиме до моментот кога меѓународните партнери ќе ѝ кажат на Србија, а ќе ни кажат и нам „што е доволно, доволно е, треба да има меѓусебно препознавање и нормализирање помеѓу двете држави“, рече Хоти.
Според него, со договорот би требало да се регулираат сите отворени прашања меѓу двете држави, како исчезнати лица, пензии, катастарски зони, артефакти и многу други прашања. Хоти, исто така, смета дека договорот меѓу Косово и Србија е премногу комплексен проблем да се заврши со една средба во Белата куќа. Тој истакна дека нема други компромиси за Косово.
Иако се чини дека во процесот на дијалог постои конкуренција меѓу ЕУ и САД, според неговите зборови, нивните улоги се комплементарни затоа што договорот не може ниту да се финализира ниту да се спроведува без обете страни.
На прашањето за планот за формирање на Унија на општини со српско мнозинство на Косово, што беше договорено во Брисел, Хоти рече дека принципот на уникатен карактер на земјата се подразбира при формирањето на Унијата.
„Договорот за заедницата не е прогласен за неуставен. Уставниот суд ги даде своите забелешки за одредени членови од овој договор што Владата на Косово мора да ги земе предвид при подготовката на Статутот на Заедницата. Верувам дека Владата беше претпазлива во моментот на потпишувањето на овој договор. Тоа е единствениот договор што има уставни референци и кој, кога ќе се воспостави, ќе биде воспоставен во согласност со Уставот на Косово“, додаде Хоти.
Премиерот на Косово најави дека за утре свикал средба со претставници на политичките партии пред продолжувањето на дијалогот и закажаната средба на 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон, така што целиот процес ќе биде транспарентен. Според него, дел од опозицијата веќе одбил да се сретне, а тоа е Движењето „Самоопределување“ на поранешниот премиер Албин Курти, кој смета дека новата влада е негативна.