Балкан, Коронавирус

Пендаровски: „Нови 14 дена вонредна состојба поради кризата со Ковид-19“

„Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба, која ќе започне да тече од утре“

Husamedin Gina  | 30.05.2020 - Обновена : 31.05.2020
Пендаровски: „Нови 14 дена вонредна состојба поради кризата со Ковид-19“ Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена поради кризата со коронавирусот (Ковид-19), што ќе започне од утре, додавајќи дека нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори, јавува Агенција Анадолија (АА).

Денеска се одржа седмата седница на Советот за безбедност, на која се дискутираше за текот на вонредната состојба која беше прогласена поради пандемијата на Ковид-19.

По одржаната седница, претседателот Пендаровски одржа прес-конференција.

Истакнувајќи дека во последните денови бројот на случаи со Ковид-19 и бројот на починати растат, Пендаровски рече дека за некои општини постои сериозна загриженост.

„Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба, која ќе започне да тече од утре“, нагласи претседателот Пендаровски.

Нагласувајќи дека одлуката за новите 14 денови е исклучително поврзана со тоа да ѝ се овозможи на Владата поефикасно да се справи пред сè со здравствените, но и со економско-социјалните ефекти од пандемијата, Пендаровски рече таа дека нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори.

Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност упати три пораки, една до граѓаните, една до Владата и една до лидерите на политичките партии.

Заблагодарувајќи се на огромното мнозинство граѓани затоа што веќе трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките, Пендаровски рече дека не треба да постои опуштање и доведување во прашање на сите позитивни резултати постигнати досега во борбата против пандемијата.

Упатувајќи порака до Владата, претседателот Пендаровски рече дека негативните трендови во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани.

„Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, не селективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност“, истакна Пендаровски.

Политичките лидери, како што рече Пендаровски, кои учествуваат на таканаречените лидерски средби, ги потсети дека државата нема Парламент, дека постои техничка Влада која има лимитирани овластувања и дека ситуацијата е премногу сериозна.

„Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори, за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба“, рече претседателот Пендаровски.

Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, прогласи вонредна состојба на 18 март оваа година, на барање на Владата, со цел борба против ширењето на коронавирусот (Ковид-19). Еден месец подоцна, Пендаровски прогласи нови 30 дена вонредна состојба. На 15 мај, Пендаровски прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.