политика

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на двојните избори: „Успеавме, Македонија победи!“

„Почитуван народе на Македонија, кој секогаш ќе ја имате мојата најдлабока почит, и пред чија храброст длабоко се поклонувам, успеавме! Македонија победи. Историска победа на народот“

Abdula Berisha  | 09.05.2024 - Обновена : 09.05.2024
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на двојните избори: „Успеавме, Македонија победи!“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи победа на претседателските и парламентарните избори што денес се одржаа во Северна Македонија, јавува Анадолу.

На прес-конференција одржана во седиштето на неговата партија, тој изјави дека ова е историска победа на народот.

„Почитуван народе на Македонија, кој секогаш ќе ја имате мојата најдлабока почит, и пред чија храброст длабоко се поклонувам, успеавме! Македонија победи. Историска победа на народот“, рече Мицкоски.

Тој најави ново поглавје, со иднина која ќе се темели на вредности и надеж. Мицкоски им се заблагодари на сите граѓани, додавајќи дека нема да ги разочара за дадената чест и одговорност.

Тој изјави дека за брзо време ќе започне преговори со другите опозициски партии за формирање на „најдобрата коалиција и Влада“.

„Уверен сум дека ќе ја формираме оваа Влада во најкус можен рок и процесот ќе биде транспарентен. Драги пријатели, браќа и сестри, почитувани граѓани. Ова е двојна победа. Коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ застанаа и добија претседател, тоа е професорката Гордана Силјановска Давкова“, рече Мицкоски.

Бројни симпатизери на партијата се собраа на плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, на кои потоа им се приклучи и претседателот Мицкоски, по што прославата продолжи на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје.

- ДИК ги објави првичните резултати од претседателските и парламентарните избори -

Според првичните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), врз основа на околу 95 отсто преброени гласови, на претседателските избори кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, успеа да обезбеди над 65 отсто од гласовите, додека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, собра близу 30 отсто од гласовите.

Во првиот круг од претседателските избори, одржан на 24 април, Силјановска, која ќе биде првата жена претседателка на државата, успеа да обезбеди над 41 отсто од гласовите, двојно повеќе од актуелниот претседател Пендаровски, кој тогаш собра близу 20,5 отсто.

Во однос на парламентарните избори, на кои кандидатите се натпреваруваа за 120 пратенички места во законодавниот дом, ДИК соопшти дека од близу 95 отсто преброени гласови, ВМРО-ДПМНЕ има обезбедено 59 пратенички мандати, СДСМ 19 мандати, коалицијата Европски Фронт 18 мандати, коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) 13 мандати, Левица 6 мандати, како и Движењето ЗНАМ 5 мандати.

На денешните парламентарни избори, кои се одржаа заедно со вториот круг од претседателските избори, право на глас имаа околу 1,8 милиони запишани гласачи, од кои, според првичните резултати на ДИК, на претседателските избори правото на глас го искористиле 47 отсто, додека на парламентарните избори близу 54 отсто.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.