Furkan Abdula
05 Ноември 2021•Ажурирај: 07 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија соопшти дека синоќа на Меѓународниот аеродром „Скопје“, пристигнала група од 131 граѓанин на Авганистан, за кои земјата обезбеди привремен престој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека се работи за вработени во Обединетите нации (ОН), за кои Северна Македонија обезбеди привремен престој до нивното заминување во трета држава.
„Земјава продолжува да помага во меѓународната хуманитарна операција за помош на цивили кои се под опасност од новата талибанска власт“, се нагласува во соопштението.
Според ова соопштение, по слетувањето била спроведена стандардната процедура - безбедносна проверка и заштита и ПЦР-тест.
„Ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од Обединетите нации“, се вели во владиното соопштение.
Се истакнува дека во земјава во моментов престојуваат 531 граѓанин на Авганистан на кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош.
Од Северна Македонија досега заминаа 84 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија и Бразил.