Admir Fazlagic
29 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, заедно со економските советници, што во рамките на економската дипломатија се назначени да отпатуваат за Варшава (Вишеградската група), Минхен (Германија и Австрија), Анкара за Турција и Абу Даби за ОАЕ и другите земји од Заливот, денес ја посетија Општина Тетово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, освен претставниците на локалната власт, беше остварена посета и на Слободната економска зона во Тетово, како и на други места со економски и туристички потенцијал.
„Преку оваа посета ги разгледавме можностите, потенцијалите, но и потребите кои ги има локалната власт за да можеме преку економската дипломатија и преку економските советници да придонесеме за понатамошен развој и привлекување на инвестиции, зголемување на извозот и промоција на туризмот“, истакна министерот Османи.
Тој додаде дека во последните години општините имаат зголемени надлежности, особено во управувањето со државното земјиште, и дека затоа е потребна поблиска меѓусебна соработка што ќе придонесе за поголема промоција на локалните потенцијали.
Османи посочи на поширокиот план за посети на повеќе поголеми општини од страна на претставниците на економската дипломатија.
Покрај денешната посета на Тетово, слични посети веќе се предвидени во повеќето поголеми градови на земјата, продолжувајќи со Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Крушево, Кавадарци, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и Гевгелија.
Целта на овие посети и средби е економските советници да стекнат поблизок однос со регионалните бизнис-потреби, да добијат попрецизна слика за потребите на општините, да се запознаат одблиску со нивните капацитети за зголемување на извозот, можностите за странски инвестиции, како и развојот на туризмот.
Инаку, економските советници досега следеа три фази на подготовка и ова е последната фаза.
Првично имаа подготовки во рамките на Министерството за надворешни работи, потоа ги посетија и имаа консултации со сите релевантни министерства и институции поврзани со економијата на централно ниво, а во третата фаза имаа теоретски предавања од еминентни професори по економија. Оваа последна фаза предвидува посета на општините и запознавање со можностите и потребите на локалната самоуправа.