Abdula Berisha
01 Јули 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ОХРИД (AA) - Започнаа првите панел-дискусии на Преспа Форумот за дијалог (ПФД), кој е организиран за првпат од Владата на Република Северна Македонија и кој ги обединува на едно место државните лидери од земјата и регионот, но и претставници на бројни земји и организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првата Меѓународна конференција во рамките на Форумот, што се организира денеска и утре во Охрид и Отешево во Северна Македонија, е насловена „Западен Балкан: Сложувалката што недостига за комплетна Европа“.
Околу 300 гости ќе учествуваат на многу панел-дискусии, вклучително и државни лидери од Северна Македонија и регионот, меѓи кои и заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Фарук Кајмакџи. Своето присуство го потврдија и официјални лица и поранешни службеници на НАТО, администрацијата на САД, Европската Унија (ЕУ), претставници на невладини организации, како и бројни новинари.
Темите што ќе се дискутираат на панел-дискусиите ќе се фокусираат главно на интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ.
Минатата недела, во својата најава за Конференцијата, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека ова е најголемата меѓународна конференција која државава ја има организирано.
На официјалната веб-страница на Форумот се вели дека ПФД е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија, со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.